Со радикални мерки во радикалната фаза на епидемијата

Со радикални мерки државата влегува во радикалната фаза на епидемијата. Од среда, полицискиот час се продолжува секој работен ден од 16 часот попладне, до 5 часот следното утро. За викенд забраната почнува од 16 часот во петок и ќе трае до понеделник во 5 чесот наутро.  Се заоструваат и мерките за лицата над 67 годишна возраст. Тие ќе смеат да се движат само во работни денови од 10 до 12 часот. Само два часа за движење и тоа во работни денови ќе имаат и младите до 18 години, за кои е определен периодот од 13 до 15 часот. Се забранува и движењето на јавни места и површини во групи поголеми од две лица, при што не се вбројуваат децата до 14 годишна возраст, доколку се со своите родители. Техничкиот премиер предупреди дека, критичната фаза допрва следи.

Спасовски повтори, контактите да се сведат на минимум, да се излегува само доколку се оди на работа или за неопходни потреби. Полицискиот час ќе важи и за претстојните Велигденски и Рамазански празници.

Општинските кризни штабови се задолжени да определат маркети, кои ќе вршат достава на неопходни намирници до немоќните лица и граѓаните кои не успеале навреме да се снабдат. За земјоделските активности е дозволено движење, во рамки на територијата на селата, исклучиво за работни потреби. Аптеките ќе работат непречено.Исклучоци од забраната повторно ќе бидат полицијата, армијата, здравствените работници и маркетите и рестораните што ќе вршат достава на производи.

Спасовски најави и дека се можни и дополнителни мерки за превенција но нивното евентуално воведување зависи од дисциплината на граѓаните и нивната совест.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ