Смартфоните на Хуавеи нема да имаат пристап до апликации од Google

Загриженост низ целиот свет денеска за сите кои ги користат мобилните телефони на Хуавеи, откако интернет пребарувачот Гугл одлучи да го забрани апдејтувањето на оперативниот систем Андроид за кинескиот производител. Гугл најави дека по одредбата на Белата Куќа овој технолошки гигант, да биде ставен на црната листа на соработници, и по направените анализи, новите дизајни на смартфоните на Хуавеи нема да имаат пристап до Гугл апликациите: Јутјуб, Гугл Мап, ЏиМејл, Гугл Плеј Стор.

Од Хуавеи, кој е втор во светот најголем производител на смартфони, денеска преку соопштение ги смируваат своите корисници, дека ќе продолжат и натаму да им пружаат безбедносни ажурирања и услуги на паметните телефони и таблети. Објаснуваат дека заедно со Гугл соработувале на проектот за развојот на Андроид системот, за чиј раст тврдат дека можат да продолжат сами. За корисниците на мобилните телефони на Хуавеи, ова значи дека пред да се обидат да апдејтуваат некоја Гугл апликација, ќе треба да поминат низ безбедносни филтри. Но, кога Гугл ќе ја лансира следната верзија на Андроид, при крајот на годинава, можно е да не биде достапна за уредите на Хуавеи.

Амаерика со месеци ја обвинува кинеската компанија дека е параван за шпионажа. А минатата недела, Доналд Трамп нареди американските комапнии да ја прекинат соработката со Хуавеи, освен ако немаат обезбедена дозвола. За извршниот директор, одредбата од Белата куќа не е многу загрижувачка.

Нашите бизниси во САД и не се толку големи. Благодарение на нашата глобална оперативност, секоја промена во една земја има мало влијание врз нашиот глобален бизнис. Се насочуваме кон иднината, од иновации до соработка во сите аспекти. Имаме и доверба во соработката со сите влади и партнери, да градиме мрежна архитектура која вистински ја гарантира сигурноста, вели извршниот директор на бордот на Хуавеи Дави Ванг.

Америка ја обвинува Хуавеи дека, по налог на кинеската влада, инсталира чипови во уредите и така врши масовни прислушкувања. Брзо по одлуката на Гугл, три водечки производители на чипови во светот, ја откажаа соработката со Хуавеи. Според аналитичарите, штетата за Хуавеи е краткорочна, затоа што тие се подготвени за вакви блокирања, и веќе имаат план Б. Овој потег од друга страна, може да ја поттике амбицијата кај Хуавеи да го надмине Самсунг и да стане најпродаваниот бренд паметни телефони во 2020 година.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ