СКРМ бара нов закон за култура, нови систематизации и решенија за вработените и повеќе средства за порамнување на платите

Вработените во културата веќе 9 месеци чекаат да започне изготвувањето нов Закон за култура, со кој ќе се овозможи и донесување нов Колективен договор во оваа област. Иако постои искажана волја за тоа во Националната стратегија и во Акцискиот план, на новата власт и недостасува ажурност во спроведувањето на процесот, се пожалија од СКРМ. Од таму велат дека сакаат да бидат вклучени во изготвувањето на новите законски акти.

„Министерството во Стратегијата стави изработка на 2 нови закони, кои што не знаеме како ќе бидат конципирани. И затоа бараме да бидеме вклучени“, кажа Гоце Павловски – генерален секретар на СКРМ.

Иако рокот за изготвување систематизации и решенија за работни места е поместен од крајот на март до 23 мај, од Синдикатот за култура бараат Министерството за информатичко општество и администрација, да им даде директиви на директорите на институциите од културата, за изготвување нови , а не примена на старите систематизации, во кои има многу неправилности.

„Систематизациите се изготвувани селективно, забележани се законски пропусти како измислени работни места, противзаконски услови за напредок во кариерата и неадекватно распоредување од едно на друго работно место“, кажа Сања Арсовска – претседателка на СКРМ.

Од Министерството за култура велат дека постои подготвеност за стручна помош во изработката на новите систематизации.

„МИОА предложи можно решение, да се направат измени и стручните звања да бидат евидентирани како развојна компонента  на едно работно место. На пример, конзерватор-виш конзерватор-советник конзерватор. Со овие насоки ќе се завршат обврските во установите, а МИОА ќе може да ги евидентира сите вработени во културата кои примаат плати од буџетот“, кажа Марија Зафировска – Односи со јавност во Министерство за култура.

Од СКРМ побараа Министерството за финансии да одобри сретства за порамнување на платите во различни дејности од културата зашто како што рекоа, со неприменувањето на Колективниот договор од 2005 година, платите се формирале според политичките лобирања на директорите кај власта. Доколку нема брзи промени, Од СКРМ најавуваа преземање радикални мерки.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ