Скопје живее во жолта фаза

Хипертензии и колапси се најчестите причини за зголемен број на повици во итната медицинска помош поради топлиот бран што ја зафати земјава.

Човечкиот организам не е адаптиран на вакви промени и затоа е потребно да се почитуваат препораките кои ги даваат надлежните институции посебно на отворен простор граѓаните да внимаваат, хронично болните редовно да ја примаат својата терапија.

“Од 11 часот до 17 часот да се избегнува да се излегува на отворено посебно директна изложеност на сонце, ако мора да се излезе да биде тоа под сенка или да се прават паузи под сенка, да се пијат доволно течности и да се има во себе барем едно шише вода кое што е најпотребно за хидрирање на организмот, лесна светла облека, заштита од капа и наочари” – вели д-р Марина Сотировска од итната медицинска помош.

Самата климатизација во затворен простор и во автомобилите да биде умерена за да не дојде до температурни шокови. Зачестени се и труењата со храна, затоа граѓаните треба посебно да внимаваат на хигиената, добро миење на зеленчукот и овошјето и да бираат термички обработена храна, советуваат надлежните институции.  Голем број граѓани сепак поради обврските и во најтоплиот период беа на отворено.

“Па сега морам да испазарам, кога морам да излезам морам да излезам. Во секој случај големи се горештините тешко е, но блиску сум јас затоа не сум опремен за летните горештини” – вели еден граѓанин.

“Јас денес малку работно, ама еве со заштита на главата, на очите, со мојот велосипед и употребувам сенки, секако добра хидрација, течности, овошје, зеленчук. Тоа што треба по препораките” – посочува друг граѓанин.

За голем број граѓани пак разладувањето во базените беше најдобриот начин да се справат со летните горештини. Летната сезона започна и во „Аква паркот“ каде детската смеа се слушаше насекаде.

И таму со 30 спасители на вода и медицинско лице и на автобуските постројки во центарот на градот Црвениот крст ги даваше своите препораки за справување со топлото и можните последици.

“Граѓаните да не конзумираат алкохол, посебно го имаме кај повозрасниот дел од популација комбинација алкохол и вода, да не конзумираат обилна храна. Да си го прилагодат телото кога влегуваат во вода” – пропорачува Арџен Шиљаку од црвениот крст.

За жал сите препораки за справување со високите температури не важеа за работниците кои и на најтоплото ги извршуваа градежните задачи на повеќе скопски улици. Високите температури, испрашувањето на асфалтот и прашината која ја вдишуваат се сами по себе доволно алармантни за загрозување на нивното здравје.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ