Сите патници загинаа во падот на авионот Боинг 737

Авион на компанијата „Етиопиан Ерлајнс“ се урна брзо по полетувањето од Адис Абеба. Нема никој преживеан од 149-те патници и осум члена од екипажот, соопштија од компанијата. Најголем дел од патниците се од Кенија, кои од Адис Абеба биле на пат за дома во Најроби. Не се знае причината за падот, но се претпоставува дека пилотот имал проблеми со авионот, поточно нестабилна брзина на искачување. По шест минути од полетувањето се паднал во областа Дебре Зеит, што е на 50 километри од пистата. Во Најроби, многу чекаа вести за своите најмили.

  • Имаше најмалку 35 националности и за жал најмногу се од Кенија со 32 патници во авионот. Дополнително треба да ја потврдиме судбината на тие патници и затоа испраќаме официјални претставници во Етиопија за подобро да ги координираат информациите, изјави министерот за транспорт на Кенија.

Од компанијата велат дека пилотот побарал дозвола да се врати, откако пријавил проблем. Ја добил, но веќе било доцна. Сведоци велат дека кога паднал авионот имало огромна експлозија, околината е изгорена, а на терен се 4 хеликоптери.

Боингот 737 Макс 8 е релативно нов авион на небото, кој е лансиран во 2016-та, а на Етиопиан Ерланс се придружил во јули минатата година. Аналитичарите велат дека е можно пилотот да се мачел со автоматскиот систем дизајниран да го одолговлечи падот на авионот. „Етиопиан Ерлајнс“ важат за безбедна авиокомпанија која лета на многу дестинации низ Африка, и надвор од неа. Досега немале вакви трагедии, освен една во 2010 кога нивен авион се урна во Медитеранското море брзо по полетувањето од Бејрут. Тогаш загинаа 90 луѓе.

 

Алиса Шутиноска

 

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ