Синдикатот за култура на штрајк од 16 декември доколку не биде потпишан новиот Колективен договор

Синдикатот за култура се закани со штрајк од 16 декември, доколку , како што стои во дописот од таму, не се финализираат преговорите и не биде потпишан новиот Колективен договор, со обврска да почне да се спроведува од почетокот на 2020 година. Причината за штрајкот е ненадејното и неоправдано прекинување на работата на Работната група за изготвување на Предлог-колективниот договор, велат од Советот на СКРМ во дописот.

  • Последниве 10 дена, Работната група за колективен договор во Министерството за култура, не е активна, односно работата е неосновано прекината од страна на ресорното министерство. Како Синдикат кој директно е вклучен во преговорите, изминативе денови се обидовме да ги дознаеме причините за ваквиот застој. Испративме неколку дописи со барање за продолжување на работата, но сеуште немаме никаков одговор од кабинетот на министерот Хисни Исмаили или од неговиот заменик, Владимир Лазовски, се вели во дописот од СКРМ.
  • Од таму прашуваат зошто работата на Работната група е прекината, зошто и покрај апелите, таа не се активира и дали Министерството за култура сеуште стои на ставот за потпишување и спроведување на новиот Колективен договор, од 01.01.2020 година.

Во одговорот кој стигна од ресорното министерство, се вели дека не е точно дека е прекината работата на Работната група за изготвување на Колективниот договор.

  • Во изминативе денови подгрупите работат на детална анализа и финансиска пресметка на сретствата, кои се потребни за потпишување и примена на Колективниот договор, велат од Министерството за култура.

Според нив, преговорите за Колективниот договор продолжуваат во понеделник (02.12.2019) и дека ќе биде закажан состанок со Работната група во 13 часот. Спремност за новиот Колективен договор искажа и премиерот Заев, од собраниската говорница.

  • Подготвени сме да се постигне, за тоа сме проектирале и буџетски средства. Навистина се изгуби одредено време, чекавме промена на министрите, сега сме до самиот крај, верувам дека може да се постигне Колективен договор, но мора да се направи фер распределба, нормативи, класификација, нивелирање и воедначување на соодветни работни места, дополни Заев. 

СКРМ во октомври одржа предупредувачки марш, незадоволни од доцнењето на новиот Колективен договор, на кој се чека 15 години. Со Колективниот договор ќе се уредат платите, додатоците на плати, ќе се дефинираат работните места и правно ќе се вреднуваат.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ