Синдикатот за култура маршираше за нов Колективен договор

Револтирани поради неносењето нов Колективен договор во културата, културните рабници и уметници денеска маршираа низ центар на Скопје. Со транспаренти и повици „Колективен договор сега!“, членството на Синдикатот за култура, предупредувачкиот марш го започна од паркот Ибни Пајко, каде пред присутните се обрати претседателката Сања Арсовска. Таа рече дека протестираат зашто власта го пробила рокот до 30 септември, кои тие го дале за усвојување нов Колективен договор и дека не им веруваат на најавите од владата и од Министерството за култура дека тој наскоро ќе биде донесен. Арсовска потенцира дека сакаат новиот Колективен да го потпишат според стариот Закон за култура, зашто нов не е усвоен и дека спроведената нивелација во мај, годинава, не значи повисоки плати.

Не, тоа беше порамнување на платите. Исправање на една неправда што се случуваше во минатото. Она што сега им следи на вработените во културата е колективен договор, со кој ќе се уредат платите,

вели Сања Арсовска претседателка на СКРМ

Потпишувањето нов колективен договор ќе значи остварување на повеќе синдикални права пропишани во Законот за работни односи.

Дефинирање на работните места, правно вреднување на трудот, критериуми за безбедност и заштита при работа и додатоци на плати и други дневници, се барањата кои вработените во културата и уметниците очекуваат да ги добијат со потпишувањето нов гранков Колективен договор. Зашто него го нема веќе 14 години , денеска СКРМ излезе на улица.

Маршот продолжи пред Владата, каде беше испеан „ Хорот на Евреите“ од операта „ Набуко“, а потоа продолжи и заврши пред Министерството за култура, кое според Синдикатот треба да прекине со примената на бирократско- феудалниот однос кон вработените од оваа дејност.

Ние сме единствената земја каде што има астрономски разлики во платите меѓу дејностите. Каде што се измислуваат работни места по нарачка , каде нема услови за работа , нема исплата на унапредувања, на службени и теренски дневници и други надоместоци, загарантирани со Законот за работни односи,

вели Гоце  Павловски- секретар на СКРМ

Од Министерството за култура со одговор дека Предлог- законот за остварување јавен интерес во културата и Предлог- текстот на Колективниот договор се подготвени уште од минатата година , но дека се чекало усогласување со новите измени на прописите за јавна администрација , кои сега се достапни за јавноста . И дека Колективниот договор во наредниот период ќе биде ставен на јавна расправа. За надминување на проблемите, Синдикатот за култура ќе одржи средба со премиерот Заев на 24 октомври, а ако не се постигне договор меѓу двете страни, ќе следува генерален штрајк.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ

Вести

„Медена земја“ од четврток ќе се прикажува во Прилеп Наградуваниот макеонски документарен филм „Медена земја“...