Синдикатот на културата најавува протестен марш за нов колективен договор

Синдикатот на културата во вторник, 8 октомври, со почеток во 12 часот во паркот Ибни Пајко организира протестен марш за нов општ Kолективен договор во културата.

СКРМ маршот го најавува како последно предупредување пред најавениот штрајк и ги повика сите вработени во културата, културни работници и останати, солидарно да се приклучат кон барањата за регулирање на работните односи во културата после цели 14 години откако е потпишан последниот колективен договор.

Изминуваат 14 години од последниот гранков колективен договор во културата. Четиринаесет години без јасно дефинирање и групирање на работни места во институциите, без правична валоризациjа на трудот во сите дејности, без прецизно поставување на критериумите за безбедност и здравје при работа, без додатоци од плата, теренски и службени дневници… Четиринаесет години без достоинствени плати за сите вработени,

велат од СКРМ.

Маршот ќе започне од паркот Ибни Пајко (во кругот на НОБ, Филхармонија и Даут Пашин Амам), ќе продолжи кон зградата на Владата и ќе заврши пред Министерството за култура.

Напуштете ги работните места за миг и излезете на улица за вашите права! Да не дозволиме уште едно ветување да не биде исполнето и да влеземе во уште една година без потпишан Колективен договор. Да излеземе масовно и да испратиме порака дека бараме КОЛЕКТИВЕН СЕГА!,

порачуваат од Синдикатот.
Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ

Вести

„Медена земја“ од четврток ќе се прикажува во Прилеп Наградуваниот макеонски документарен филм „Медена земја“...