Синдикати на француските возачи повикаа на штрајк на неопределно време

Два француски синдикати на професионалните возачи повикаа на штрајк на неопределно време, што би започнал в недела вечер.

Како што јави дописникот на МИА, синдикатите тврдтат дека сакаат да ја заштитат куповната моќ на професионалните возачи, нарекувајќи ги „трошки“ мерките што вчера ги најави францускиот премиер Едуар Филип во обид да ги смири протестите на „жолтите елеци“.

Секторот на транспортот на стока и патници, што го покриваат овие два синдикати, опфаќа со околу 700.000 вработени.

Двата синдикати, не се задоволни и од неодамнешната одлука за поништување на одредбите од 2016 година, со кој беше воведено зголемување од 25 и 50 отсто на надоместот за прекувремена работа на возачите на камиони.

Властите сакаат да го сведат зголемувањето на надоместот за прекувремената работа на само 10 отсто, но синдикатите сметаат дека оваа одлука „може да има негативно влијание врз куповната моќ“ на возачите.

На повикот за штрајк реагираше француското Министерство за транспорт, обвинувајќи ги синдикатите дека „користат лош изговор за организирање штрајк за чие одржување нема причина“ во моментот кога Владата е заглавена во спорот со „жолтите елеци”.

Најавените мерки на Владата за суспензија на зголемувањето на таксите за горивата за шест месеци, не наидоа на одобрение од страна на „жолтите елеци“, кои сметаат дека овие мерки се недоволни.

Во меѓу време продолжуваат блокадите на повеќе места низ Франција. Засега е неизвенсо дали по последните насилства, „жолтите елеци“ ќе го поддржат новиот протест, што преку социјалните мрежи е анајвен за в сабота во Париз.

Дебатата за „жолтите елеци“ се пресели во францускиот Парламент, каде опозициската конзервативна партија Републиканци, побара прогласување вонредна состојба и целосно поништување на одлуката за зголемување на таксите за горивата, а не само нејзино одлагање.

Францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Касатенер најави дека силите на редот подготвуваат нова стратегија и план за спречување на евентуални насилни демонстрации.

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ