Сестрата на Катица Јанева не е избрана за заменик претседател на Комисија за хартии од вредност

Лиле Делиџакова, сестрата на специјалната обвинителка Катица Јанева, засега ќе остане на гевгелиска адреса, затоа што немаше доволен број на пратеници за гласање за нејзин избор за втор човек на комисијата за хартии од вредност. Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ жестоко ја искритикува Делиџакова чиј избор во комисијата го оцени како несоодветен бидејќи немала ниту доволно искуство во финансискиот сектор, а ја обвинија и дека двапати била казнувана дисциплински додека работела во царината. Од биографијата на сајтот на Собранието на опозиционерите им беше спорно дека Делиџакова првин била предложена од Владата, а дури потоа заверила нотарски документ дека не е член на партија и нема значајни акционерски удели.

Од владеачката СДСМ никој не возврати, а кога дојде време за гласање, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги напуштија столчињата и за Лиле Делиџакова не беше гласано. Ќе се гласа кога ќе се создадат услови, рече претседавачот Мисовски кој го водеше и гласањето за избор на претседател на Комисијата за хартии од вредност. Нора Алити во наредните 5 месеци ќе ја води комисијата, мнозинството смета дека таа е и стручна и непартиска иако до 2016-та година беше пратеничка од ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ тука почна да го цитира и да го повикува Прибе.

Пратениците успеаја да ја изберат Алити и уште еден член на Комисијата за хартии од вредност која е независно тело за надзор на берзата и пазарот со акции.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ