СЕРИЈА КУЛТУРНИ НАСТАНИ ПО ПОВОД 100 ГОДИНИ БАУХАУС

Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје и Гете Институт Скопје од денеска на македонската публика ќе ѝ ја претстават највлијателната образовна установа во областа на архитектурата, уметноста и дизајнот – Баухаус, кој оваа година го слави својот стогодишен јубилеј.

Предвидени се повеќе активности и настани на различни локации. Во организација на Гете Институт Скопје вечер во Кинотека ќе биде отворена патувачката изложба „Баухаус имагиниста“(„bauhaus imaginista“). Изложбата е дел од истоимениот меѓународен проект на Гете Институтот.

Во Музејот на современа уметност утревечер ќе биде отворена изложбата „bau1haus“ од Жан Молитор. На изложбата ќе бидат претставени 50 фотографии од Германија и од светот на берлинскиот фотограф Жан Молитор. Фотографиите ја прикажуваат архитектурата на Модерната од сите нејзини најразлични аспекти.

Жан Молитор патува низ светот веќе десет години, поттикнат од визијата да создаде меѓународна фотоархива на градбите на Модерната.

Во проектот „bau1haus“, Молитор има за цел да го документира меѓународното влијание на Баухаус врз развојот на модерната архитектура. Тој сака да ги прикаже глобалните врски и космополитската размена на модерното градење. Од 2009 година, фотографот Жан Молитор од Берлин патува низ светот во потрага по наследници на Баухаус – во Берлин, Казабланка, Штутгарт или Хавана, Санкт Петербург или Гватемала, Виена или Букаву во Конго. Фотографот лично ќе го претстави својот проект во Скопје.

В cреда, од 19 часот во Музејот на современа уметност ќе има проекција на филмот „Духот на Баухаус“ на Нилс Болбрикер и Томас Тилш. Потоа ќе следи дискусија на темата „Значењето на Баухаус во Скопје“.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ