Се редат огласи за работа на државни јасли, власта тврди – немаат врска со изборите

Се редат огласи за работа на државни јасли,а власта тврди- немаат врска со изборите.За помалку од една недела објавени се околу 50 огласи, се бараат над 100 луѓе, за плати од 14.000 до 39.000 денари. Институциите вработуваат  раководители на сектори, советници, асистенти, програмери. Манчевски вели – огласи имало и ќе има и тоа нема никаква врска со изборите.

Огласи имало и ќе има зошто институциите имаат потреби луѓе си одат, се пензионираат имаме потреби да се пополнуваат тие места. Исто така сум охрабрен што гледам дека овие огласи се на определено време, што значи ова, дека кандидатите ќе поминат согласно законите низ системот на административна селекција. Значи наместо практиката да се вработуваат на определено луѓе или преку Агенции за привремени вработувања,овие се огласи каде што не може да дојде до изигрување на системот, вели Манчевски.

Според Манчевски може да се очекува и нов прилив на огласи, оние за повторно ангажирање на привремените вработени, на кои им истекуваат договорите на крајот на годинава. А колку лица брои јавниот сектор во земјава  и дали се зголемил годинава, ќе знаеме во јануари наредната година, вели Манчевски.

Наспроти тврдењата на бизнисот и експертите дека државниот апарат е прегломазен и неефикасен, министерката Ангеловска тврди нема зголемувања на вработувањата.

Мислам дека треба да се земат во предвид, кога се гледаат согласностите и оние околности на природен одлив, пензионирања, зошто многу институции имаат одлив. Не се работи за зголемно воопшто наспроти нормалното, вели Ангеловска.

Катастар вработува 23 лица, советници, раководители за плати до речиси 39.000 денари. Директорот Тунџев вели 30 се пензионирале, и мора да ги пополни испразнетите места. Министерството за култура бара 12 лица со плати до 30.000 денари. ЈП за државни патишта вработува 6 лица, меѓу кои советници и лице за односи со јавност за плата до 38.000 денари. Директорот Китанов вели се трансформираат работните места од определено на неопределено време. Управата за јавни приходи вработува 35 лица-плати до 36.000 денари, земјоделие бара 20 лица за УХМР. Вработуваат и Владата, како и министерствата за образование,правда, локална самоуправа. Кадар бараат и општините. Само Ѓорче Петров бара 13 лица, за плати до речиси 38.000 денари.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ