Се предаде Нинџа кој го прими телефонскиот повик од Виена на крвавиот четврток

Човекот кој го прими телефонскиот повик од Виена на крвавиот четврток, се предаде. Александар Василевски – Нинџа после 7 месеци во бегство заврши во Шутка. Го донесоа полициските „Алфи“, со лисици на раце, и малку изменет лик. Брада на лицето и спортска шапка на главата со еден ранец со себе влезе во притвор околу 13 часот. Претходно сам се пријавил во скопскиот Кривичен суд кај судија во претходна постапка. Дошол околу пладне со неговиот адвокат, рекол дека во суд пристигнал од својот дом во Гази Баба. Судијата веднаш му го врачил решението за притвор кој му беше одреден уште лани во ноември, но тој беше недостапен за органите. Тој е осомничен за настаните од Собранието на 27 април лани, но се чекаше да биде обезбеден за да биде покренато обвинение и против него. Во обвинителниот акт кој веќе е поднесен, Василевски е спомнат во делот за организирање на настаните од 27-ми април. Во обвинението стои:

„Откако од телефон, сопственост на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Р.М. НН лице од обезбедувањето на Никола Груевски, тогаш претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а кои се наоѓале во Виена, Австрија, во 14.30 часот контактирал со обвинетиот Александар Василевски Нинџа, сега недостапен на органите на прогонот, кој потоа заедно со обвинетиот Никола Митревски Кољо, телефонски ги конрактирале обвинетите Јане Ченто, Игор Југ, Младен Додевски, Захарие Симовски, Михаил Младеновски и Дејан Давидовски Дешо, сега недостапен на органите на прогон, го мобилизирале членството од Скопје и други градови, за насилен упад во Собранието, однапред знаејќи дека објектот на Собранието не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили.“

Подоцна екс премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски обелодени дека оној кој контактирал, а е дел од неговото обезбедување е братот на Нинџа, Благоја. Тој  е вработен во 6-тата управа и често го обезбедува екс премиерот кога доаѓа во судот на рочишта. Груевски тогаш изјави дека го прашал својот телохранител а тој му кажал дека комуницирал со братот, но за семејни работи. Нинџа не е прв кој се предава, претходно неговиот другар Никола Митревски – Кољо сам се пријави во полициска станица после неколку месечно бегство. Освен што е и тој обвинет за крвавиот четврток, заврши и како сведок во некоја од истрагите кои ги води СЈО. Информациите на МВР говореа дека тие се криеја во земјава, но полицијата никогаш не успеа да ги пронајде.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ