Се очекува Мишел да ја донесе веста за методологијата

Методологијата и моменталното  расположение во Европскиот совет околу пристапниот процес за земјава ќе биде темата на која претседателот на Советот, Шарл Мишел, ќе разговара со државиот и политички врв на земјава. Во пресрет на мартовскиот состанок на Европскиот совет на кој ќе се носи одлуката дали на земјава ќе и се одобри старт на преговорите, очекувано е Мишел со претседателот на државата, Пендаровски, техничкиот премиер, Спасовски, но и на лидерите на двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Заев и Мицкоски, да им ги презентира контурите на методологијата која ја подготвува Европската комисија, но и дали може да се очекува Франција да попушти во ставот – нова методологија па преговори, и би дозволила паралелно водење на двата процеси.

Лидерот на СДСМ Заев во пресрет на средбата со Мипел денска изјави дека очекува да слушне детали за новата методологија.

„Мене ми е значајно да имам потврда од претседателот на Европскиот совет дека за одлуката за проширувањето и добивањето на датумот за Република Северна Македонија ќе се одлучува паралелно, без разлика дали методологијата ќе биде готова или не, ние имаме право на паралелна одлука и очекуваме датум за почеток на преговори“, изјави Зоран Заев, претседател на СДСМ.

Се очекува Мишел да појасни и дали до мартовскиот самитот на ЕУ има доволно време да се усогласи и усвои методологијата, чие објавување Европската комисија го пролонгираше од крајот на јануари за првата недела од февруари.

Мишел во земјава доаѓа десет дена по посетата на еврокомесарот Оливер Вархеји кој најави дека Комисијата повторно ќе побара старт на преговорите со земјава, а од Македонија побара до европските земји да испрати позитивен сигнал дека реформскиот процес не е запрен, пред се, со носење на законот за Јавно обвинителство.

Ставот на Европската комисија е дека усогласувањето на новата методологија и пристапните преговори со Македонија и Албанија треба да бидат паралелни процеси.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ