СДСМ и ДУИ во предизборен дуел

Досегашните коалициски партнери СДСМ и ДУИ влегоа во предизборен дуел. СДСМ порачува дека победник на наредните избори ќе биде нивната коалиција со Беса, а ДУИ возврати дека тие ќе победат кај албанците, што треба да ги направи дел од идната Влада.

Од ДУИ потсетуваат дека оваа партија имала клучна улога во реализацијата на визијата за влез во НАТО и почнување преговори со ЕУ. Нивното условување на македонските партии овозможило менување на името на државата и на Уставот, двојазична држава, ветинг, претседател на Собрание – албанец.

Предизборниот договор со БЕСА е испишување историја, возврати СДСМ. Тоа подразбира мултиетничка коалиција од секој аспект. Ова, според СДСМ е чесна понуда, без лажни ветувања, какви што предизборно даваа ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, а тоа не им пречеше постизборно да коалицираат.

Коалицијата СДСМ-Беса предизвика недоумици и во ДИК. Иако Изборниот законик вели дека правата за изборно рекламирање и учество во изборните органи се определува според резултатите на последните парламентарни избори, претседателот Деркоски изјави дека тоа ќе зависи од кандидатските листи на овие избори.

На последните избори, БЕСА освои пет мандати, што и овозможи застапеност со еден член  во ДИК. Во највисокиот изборен орган, тројца се предложени од СДСМ, двајца – вклучувајќи го претседателот од ВМРО ДПМНЕ и еден од ДУИ.

Соња Николовска

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ