СДСМ е водечка партија кај албанските гласачи – СДСМ расте, додека ВМРО паѓа: за СДСМ 26,8 отсто – 21,5 за ВМРО-ДПМНЕ

Мнозинство од граѓаните се против амнестија и против предвремени избори покажува најновата анкета на Телма и МЦМС. Зоран Заев и понатаму е политичарот со највисок рејтинг, во генералната атмосфера на недоверба кон политичарите. Мицкоски расте и прв пат е над Иванов. Што се однесува до партиите, се забележува раст во рејтингот на СДСМ и пад на ВМРО. Историската промена е во фактот што СДСМ ја претрка ДУИ во преференците кај албанскиот електорат.

Но, да одиме по ред. Конфузните изјави на Заев за помирувањето, ветувањата дека нема да има амнестија, па сега ретерирањето и селективната амнестија, не наидуваат на одобрување кај граѓаните. Ниту Македонците, ниту Албанците не сакаат политичко ослободување од правдата. Високи 66,9 отсто се против амнестија. 24,8 % – сметаат дека амнестијата ќе придонесе за политичко помирување.

Голема е усогласеност во противењето на амнестијата меѓу Македонците и Албанците: Само 9,8 процентни поени е разликата – односно 73,8 % Албанци сметаат дека не треба амнестија, туку правда, а на ист став се и 64 % од Македонците.

Што се однесува до амнестија за обвинетите и учесниците во настаните од 27 Април во Собранието: 57,8 % не се согласуваат со амнестија, 37 % – се согласуваат.
Што се однесува до прашањето околу евентуални предвремени избори, резултатите говорат дека македонските граѓани се заморени од состојбата на перментна политичка криза и честите гласања. Граѓаните не сакаат избори: мнозинство 58.9 % – велат НЕ, додека 33,5 % одговориле ДА. 47 % од граѓаните се за избори во редовен термин, 25 % за вонредно што побргу со скратени рокови, додека 16,1 % за општи избори со претседателските избори.

Во состојба на генерална недоверба кон политиката, што се однесува до личната доверба, Зоран Заев е во убедливо водство со 21,4 отсто рејтинг, но рејтингот му е благ пад. Христијан Мицковски е зад него со 14 процентни поени, со раст во личниот рејтинг и прв пат над Иванов чиј рејтинг е во пад и застанува на само 6 отсто. Следува Ахмети со 5,7, Села 3,8 %, и азилантот Груевски во слободен пад со 2,7 %, рејтинг во рамките на статистичките грешки.

Големата поддршка на Заев доаѓа и од популарноста кај Албанците – со 17,6 отсто поддршка тој е втор лидер по популарност кај етничките Албанци: прв е Ахмети со 23 % , а трет Села со 16 %. Но, најзначајната бројка се оние 39,9 % кои немаат доверба во ниту еден политичар.

Што се однесува до рејтингот на партиите, ставот на граѓаните можеме да го сублимираме во фактот дека СДСМ расте, додека ВМРО паѓа. 26,8 отсто за СДСМ; 21,5 за ВМРО-ДПМНЕ.
ДУИ е стабилна so 6,7 %, потоа е Алијансата со 3 %, БЕСА сo 2,4 додека нема да гласаат 21,3 %.

Но, тука многу се интересни податоците според етничка припадност. ВМРО-ДПМНЕ е водечка партија кај Македонците: 30,4 отсто со пет процентни поени пред СДСМ – 25,5 %.
Збележуваме историска промена кај албанскиот електорат.

СДСМ е прва партија кај Албанците со 27,5 отсто од преференците, додека ДУИ е втора со половина процент помалку.
Рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ кај Албанците е еднаков на нула, со што нивниот коалиционен капацитет и понатаму останува драматично слаб.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ