Саудиската коалиција во Јемен разнесе автобус полн со деца – Во Јемен се случува заборавена војна

Најмалку 43 мртви, меѓу кои 29 деца, и преку 50 ранети, е трагичниот биланс од воздушниот напад на саудиската авијација врз школку автобус во регионот Саада, во северниот дел на Јемен.

Порпаролот на арапската воена коалиција предводена од Саудиска Арабија Турки Ал Малики, нападот врз школскиот автобус го нарече легитимен, и како одговор на бунтовничките милиции на етнијата Хути, одговорни за ракетен напад на југот на Саудиска Арабија кој предизивика еден мртов и 11 ранети.

„Бројот на мртви и ранети е многу висок. Последната бројка е 43 мртви и 63 ранети, меѓу кои и деца и постари лица“.

Војната во Јемен важи за заборавен конфликт, игнориран од западниот свет, иако Јемен има стратешка позиција на контрола врз теснецот Баб ел-Мандеб, познат уште и како„порта на маката“ или „порта на солзите“, поради опасностите во неговата пловидба. Баб ел-Мандеб е стратешка врска помеѓу Индискиот Океан и Средоземното Море, преку Црвеното Море и Суецкиот Канал. Оттука поминуваат најголем дел од танкерите со нафта.

И покрај 2,5 милиони раселени лица, илјадниците мртви, секојдневните воени злосторства, постојаното борбардирање на Саудиската авијација, постоењето на најсилната фракција на Ал Каеда, светот немо ја следи прикриената или тајна војна помеѓу Саудиска Арабија и Иран.

Саудијците заедно со арапска коалиција од 8 земји, недискриминирано и секојдневно го бомбардираат јужниот дел на Јемен, каде се утврдени шиитски бунтовници Хути.

После јеменската пролет во 2011-2012 година, со падот на претседателот Али Абдула Салех, на власт преку 30 години, преку мешањето на саудијците, ги разбранува центрифугалните сили во земјата и бунтовниците Хути се враќаат на политичката и воена сцена.

Поддржани од Иран и исфрустрирани од неисполнување на нивните барања за автономија, Хутите, почнуваат серија на протести и судири со централната власт. На таа нестабилност од 2015 година, Саудијците се решаваат за воена интервенција која трае до ден денес и од Јемен создаде една мала Сирија која не знае за крај на крвопролевањата.

Додека борбите и понатаму траат меѓу бунтовниците и лојалистите на централната власт поддржани од саудијската коалиција, народот на Јемен поминува низ една заборавена и игнорирана хуманитарна криза.

Ивор Мицковски

 

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ