Салвини не е веќе веродостоен партнер, соопшти Движењето „Пет ѕвезди“

Италијанското Движење „Пет ѕвезди“ соопшти дека претседателот на десничарската партија „Лига“, Матео Салвини веќе не е веродостоен партнер, со што, се чини, ја затвори вратата за каква било можност за продолжување во коалициската владина соработка.

Британските медиуми пренесуваат дека претседателството на „Пет ѕвезди“ вчера се состана во вилата на основачот на движењето, Бепе Грило, за да ги утврди ставовите во пресрет на утрешната седница на италијанскиот Сенат, кога премиерот Џузепе Конте ќе зборува за кризата во власта.

„Сите присутни се согласија дека Салвини веќе не е веродостоен партнер“, се наведува во соопштението на Движењето.

Како што се наведува, на состанокот присуствувале лидерот на Движењето, Луиѓи Ди Мајо, претседателот на Долниот дом на парламентот, Роберто Фицо, и Александро Ди Батиста, кој не е член на парламентот, но се смета за политичар со најголема харизма и со голем број приврзаници.На 8 август Салвини соопшти дека коалицијата со Движењето „Пет ѕвезди“ веќе не функционира и повика на оддржување предвремени избори.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ