САД нуди безбедносни гаранции во замена за Севернокорејската нуклеарна програма

САД нудат уникатни безбедносни гаранции на Северна Кореја во замена за откажување од програмата за развој на нуклеарно оружје, потврди американскиот државен секретар Мајк Помпео. Според него тимовите од двете земји кои интензивно преговараа изминатиов период, постигнале договор за тоа како би се одвивала средбата меѓу нивните лидери.

„Подготвени сме да преземеме безбедносни гаранции кои се различни, уникатни, кои биле понудени, кои Америка и претходно била подготвена да ги обезбеди. Мислиме дека ова е потребно и соодветно“, вели Помпео.

Помпео инсистира дека Вашингтон нема да прифати ништо друго освен комплетна денуклеаризација а верификацијата на заложбите е клучен сегмент во било кој постигнат договор.

„САД биле излажани и претходно, нема сомнеж во тоа. Многу претседатели потпишувале листови хартија за да откријат дека Севернокорејците не го ветиле тоа што сме мислеле или всушност се повлекле од своите ветувања“, смета Помпео.

И покрај оптимистичкиот став на Помпео, многумина не очекуваат утре во Сингапур да биде постигнат конечен договор. Трамп средбата ја опиша како состанок “за запознавање со ситуацијата” и рече дека преговорите со Северна Кореја ќе бидат процес.

Игор Трајков

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ