Русија повторно го обвини Бејли дека го водел гласањето во уставните измени

Продолжуваат препукувањата и обвинувањата на релација Русија – Америка околу гласањето за отворање на уставните измени. Рускотот МНР синоќа повторно го обвини американскиот амбасадор во земјава дека тој во петокот го водел целиот процес во Собранието.

Би сакале да потсетиме дека токму САД, а не Русија, неодамна на 19 октомври, користејќи бескрупулозни методи – со користење на уцени, закани и подмитување на пратениците – ја отфрлија одлуката за поведување постапка за измена на македонскиот устав во парламентот на оваа земја. Вреди да се забележи дека американскиот амбасадор во Скопје, кој се наоѓаше во зградата на македонскиот парламент, директно го управуваше овој процес, изјави синоќа портпаролка на МНР на Русија, Марија Захарова.

Прво вакво обвинување до Џес Бејли беше упатено во понеделникот, што тој го демантираше завчера.

Јас тој ден работев во мојата канцеларија, учествував на настанот организиран од амбасадата вечерта, а како и повеќето граѓани на Македонија – го следев гласањето на телевизија од мојата дневна соба, изјави Бејли, нарекувајќи ги руските обвинувања против него за апсурдни.

Обвинувањата од Москва за притисок и уцени врз пратениците од опозицијата претходно ги отфрли и македонското МНР, како целосно неосновани и невистинити, изнесени со јасна тенденција да се компромитира политичкиот процес од историско значење за Македонија и за сите нејзини граѓани.

Но ова е само последното во низата препукувања меѓу Моска и Вашингтон за Преспанскиот договор кои траат подолг период, а се интензивираа по гласањето во Петокот.

Рекацијата на руското МНР е на изјавата на заменик помошник државниот секретар на САД, Метју Палмер, околу имплементација на Преспанскиот договор, реплицирајќи му дека неосновано ја обвинил Москва за„очигледно мешање” во внатрешните политички процеси во Македонија. Истовремено руското МНР повторуваат дека референдум одржан на 30 септември е неуспешен.

Засега нема реакција од американска страна за новото обвинување кое стигна од Москва.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ