Рохани побара специјален судски совет да го спроведе процесот за соборувањето на украинскиот авион

Неколку луѓе се уапсени во Иран заради случајното соборување на украинскиот патнички авион со проектил земја – воздух, соопштија иранските власти.

Обвинителството потврди дека истрагата за инцидентот продолжува, но не се соопштени дополнителни детали.

Иранскиот претседател, Хасан Рухани, оцени дека треба да биде формиран специјален суд за да го процесира соборувањето на иранскиот патнички авион, кога животот го загубија сите 176 патници и членови на екипажот.

Рухани дополни дека специјалниот судски совет треба да биде составен од високо рангирани судии и повеќе десетици експерти.

Невозможно е една личност да биде одговорна за овој инцидент. Невозможно е само човекот кој го пристиснал копчето да биде виновен. Има и други луѓе и би сакал овој случај искрено да им биде објаснет на луѓето – изјави Рохани.

Шефот на иранската држава подвлече дека не станува збор за обичен и секојдневен случај и дека вниманието на целата светска јавност ќе биде фокусирано на судскиот процес во Иран.

Инцидентот беше без преседан во историјата на нашата држава. Никогаш немало случај кога личноста која е одговорна за нашите противвоздушни системи или офицер да направи ваква грешка против патнички авион во главниот град на државата, центарот на државата и во близина на меѓународниот аеродром – вели Рохани.

Првите три дена по соборувањето на украинскиот авион, Иран негираше дека вооружените сили на оваа држава се одговорни и сугерираше дека веројатно станува збор за технички проблем.

Сепак, откако почнаа да се објавуваат докази дека противвоздушен проектил го соборил украинскиот авион, највисоките преставници на исламската република ја презедоа одговорноста.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ