РКЕ: Одземање на лиценцата на БЕГ е можно само ако има судска разрешница

По аферата која ја обелодени МВР и поднесените кривични пријави за тројца поранешни и една сегашна членка на Регулаторната комисија за енергетика, дека незаконски издавале лиценци на Балкан енерџи груп и цените на парното не се формирале во согласност со Правилникот, со се оштени граѓаните плаќачи за дури 6,7 милиони евра, од РКЕ велат дека лиценцата на БЕГ не може да и се одземе доколку нема правосилна судска пресуда, или доколку не се донесе одлука основните средства да и се дадат на користење на друга компанија. Првиот човек на РКЕ вели дека комисијата сега не може да навлегува во постапката што се води пред истражните органи, и ако тоа го направи, би го прекршила законот.

Ќе треба да имаме ситуација да имаме некоја конечна судска разрешница, па да видиме како ќе постапиме. Во оној момент кога ќе имаме судска разрешница, или ако некоја друга компанија добие право на користење на основните средства за дистрибуција на топлинска енерегија, тогаш немаме дилема и ќе постапиме согласно законот и Правилникот, и лиценцата ќе ја одземеме на компанијата што ја врши, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Дали и како БЕГ треба да им ги врати парите на граѓаните, Бислимовски вели дека регулаторите секаде работат врз основа на податоците што им ги даваат компаниите и врз основа на правилникот за цените, и не верува дека колегите направиле превид на толку висока сума. За актуелната членка на Комисијата за која има кривична пријава, сега не може да се бара разрешување, а тој и порано и сега со неа има добра соработка.

Според сознанијата на Телма, кривичните пријави пријава против Регулаторна, но и против БЕГ, е поднесена уште во октомври 2017 година, и тоа во име на оштетени граѓани. Адвокатот Александар Тумановски кој ја поднел тужбата смета дека сега БЕГ треба да им ја врати сумата на сите граѓани кои се редовни плаќачи на парно, преку намалување на сметките во наредниот период.

На прашање на Телма, од БАЛКАН ЕНЕРЏИ ГРУП, тврдат дека работат во согласност со законот и издадените лиценци.

Од моментот на почнување на вршење на регулираните дејности за централно греење со професионално, ефикасно и домаќинско работење, нашите компании направија заштеда во износ од 12 милиони евра. Тие се директна заштеда за крајните потрошувачи. Покрај намалувањето на цената на енергенсите, овие заштеди во значаен дел влијаеа на драстичното намалување на сметките за греење на потрошувачите. Од 2013 година до сега во континуитет постојано се намалуваат сметките за централно греење, велат од Балкан енерџи груп.

Регулаторна денеска ја објави новата методологија за формирање на цените на горивата, според која од понеделник повторно ќе ги одредува максималните цени. Со новите правила, не се излезе во пресрет на барањата на трговците, па маржата е одредена на 4,6 денари малопродажната и 1,2 денари големопродажната, или вкупно 5,8 денари, иако трговците барале маржа од 7,5 денари. Бислимовски тврди дека ова е разумен профит за нив, и дека на овој начин немало да се предизвика нафтена криза во земјава. Уверува дека новата методологија ќе биде во корист на граѓаните.

Со тоа цените на нагтените деривати би се намалиле од 1 до 2 денари, вели Бислимовски.

Основа за утврдување на цените ќе бидат движењата на брент нафтата на платформата ПЛАЦ, и курсот на доларот. Со оглед што последнава недела има поевтинување на светските берзи, останува да се види дали во понеделник РКЕ ќе ги намали цените, бидејќи според пресметките на трговците, дизелот треба да има пониска цена за еден денар.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ