Револуцијата почна да ги јаде своите деца- Петар Атанасов си поднесе оставка од заменик министер за образование

Заменик министерот за образование Петар Атанасов преку социјална мрежа објави дека поднесува оставката од функцијата, но и од учество во сите останати проекти на Министерството за образование и наука. Оставката ја упатува до премиерот Заев со забелешка дека „револуцијата која ја покренавме- почна да ги јаде сопствените деца“.

-Сакам да Ве известам Вас и јавноста дека поднесувам оставка од позиција на заменик министер во Министерството за образование и наука. Ова ви го соопштив уште пред реконструкцијата, но еве сега може и да се процесуира. Едноставно, мојата позиција станува неодржлива и неефективна. Истовремено, давам оставка и на сите дополнителни функции во рамките на Министерството за образование и во Владата која Вие ја предводите!, напишал Атанасов.

-Во изминатите неполни 10 месеци, со големо задоволство и верба ја прифатив поканата да ја извршувам оваа функција. Влегов во систем кој со години не само што не се менувал, туку и многу назадувал и еродирал. Освен многуте и бескрајни формалности во работата на Министерството, овој период не се случи ништо позначајно. И тоа што навидум се тркала е далеку од потребите на системот и не ги менува севкупните состојби. Промените во образованието кои ги навестувавме, не ги остваруваме. Зошто е ова вака, веројатно Вие најдобро знаете! Пред само една недела во еден јавен настап кажав дека треба да се запали црвеното светло и дека ако продолжиме со ова темпо, може да очекуваме образованието да го реформираме за 10 до 15 години. А можевме многу, многу, подобро. Уште пред парламентарните избори составив тим со кој заедно изградивме одлична програма и план, и силно верувавме во политиките кои требаше да ги реализираме. Се чинеше дека успехот е неизбежен. Ем знаевме, ем можевме, уште само требаше да покажеме дека и умееме., пишува Атанасов во својата оставка објавена на социјалната мрежа Фејсбук.

По изборите 2016-та година, Атанасов беше пратеник. По заминувањето на Рената Дескоска во правда (таа беше министер за образование) и менувањето на ресорите со што МОН го доби ДУИ, Атанасов стана заменик министер, а министер во тој мандат стана актулениот Арбер Адеми.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ