Ревизорите препорачуваат, институциите не применуваат, Обвинителството работи

Незаконски потрошени народни пари се откриени во бројните извештаи на Државниот завод за ревизија, но досега не се знае за судска завршница на некој од овие случаи.

Кога државните ревизори ќе утврдат незаконско работење или сомнеж за криминал, го праќаат извештајот до Јавното обвинителство, Антикорупциската комисија и МВР. Во во 2016 и 2017 Обвинителството покренало неколку предистражни постапки, но граѓанскиот сектор не знае каква била нивната судбина.

Од Обвинителството за Телма денеска изјавија дека постапуваат по сите доставени извештаи од  ДЗР, тие се анализираат во насока на откривање на елементи на кривични дела што се гонат по службена должност.

„Во моментов во јавните обвинителства се оформени пет предмети врз основа на Конечните извештаи од ДЗР, по кои активно се постапува“, велат од Обвинителството.

Додаваат дека ревизорските извештаи се обемни и сложени и бараат темелно проучување и анализа.

Невладиниот сектор воочил дека ДЗР врши меѓу 50 и 60 ревизии во годината, и дава препораки за подобрување, но дури 30 до 40 отсто од нив институциите воопшто не ги есапат. Во минатите две години неодговорните трошачи на народни пари заработиле само прекршочни пријави.

ДЗР мора да пишува јасни извештаи и да се отвори за медиумите, да ги информира за своите наоди.

„Строг јазик на кој се напишани ревизорските извештаи, па често е неразбирлив за медиумите. Тие велат дека немаат можност да сретнат или да се најдат на нивни пресконференции“, вели Габриела Димовска од ЦЕИ.

Токму медиумите и граѓанскиот сектор да ги притиснат институциите да ги почитуваат препораките, таков беше примерот со патните трошоци за пратениците, откако дури после медиумслката бука се размислува за промена на методологијата на пресметка.

Собранието треба не само да ги добива, туку и да ги разгледува ревизорските извештаи.

„Кога тие извештаи би се разгледувале јавно пред пратениците, и самите раководители во институциитре ќе ги земат посериозно предвид овие извештаи. Владата, под чија ингеренција се институциите, да направи систем преку кој ќе контролира колку тие ги почитуваат извештаите“, вели Дамир Незири од Вестминстер.

Британскиот амбасадор Чарлс Гарет сугерира зајакнување на капацитетот на ДЗР, но и  поголема соработка со другите институции.

“Треба да се формира комисија или поткомисија во рамките на парламентот, која ќе ги разгледува извештаите на ДЗР“, рече британскиот амбасадор Чарлс Гарет.

Пратениците и од власта, и од опозицијата, ветуваат дека на извештаите ќе им посветат повеќе внимание, со цел да се зголеми надзорната улога на собранието врз извршување на буџетот.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ