Ревизор нема, ќе се бира заменик

Речиси две години по објавувањето на огласот за избор на државен ревизор во постапка што се уште не е успешно завршена, ќе се објавува оглас за избор на заменик ревизор. Ваква предлог одлука потпишаа координаторите на најголемите владеачки партии СДСМ и ДУИ, Јован Митрески и Ејуп Алими, откако пред еден месец му заврши мандатот на заменикот Насер Адеми.

Одлуката ќе се најде пред пратениците на првата наредна седница, а по нејзиното изгласување и објавување, почнува одбројувањето на 15-те дена за пријавување на економисти и правници без партиска припадност со најмалку седумгодишно искуство и солидно познавање англиски јазик.

Под исти услови, во декември 2017-та беше огласена позицијата државен ревизор. И по неколку обиди, Комисијата за избори и именувања не успеа да утврди кого да предложи до Собранието од пријавените 12 кандидати. Минатиот петок СДСМ и ДУИ застанаа зад различни кандидати: ДУИ го предложи досегашниот заменик Насер Адеми како докажан професионалец. СДСМ смета дека Адеми не треба да остане уште девет години на раководна позиција и го предложи Адем Цури.

ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА не гласаа за никого, иако беа уверени дека сите партии заедно постигнале меѓупартиски договор да биде предложен Максим Ацевски. Седницата заврши без било каков заклучок за да му се даде уште една шанса на дијалогот.

Во меѓувреме, Државниот завод за ревизија се соочува со блокада. Нема кој да потпише за плати, придонеси и осигурување на 92-цата вработени. Не се потпишани и нивните извештаи од извршената контрола на трошењето државни пари, а ревизии за 2019-та не можат ни да почнат. Одговорот на нивното отворено писмо упатено до јавноста и до институциите пред дваесетина дена, се уште не е стигнат.

Соња Николовска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ