Реиздаден албумот на „ Бастион“ на плоча

 

Продажба, потпишување на плочата и забава. Вака беше синоќа во Младинскиот културен центар, каде се одржа промоцијата на резиданието на винил, на албумот од домашното музичко трио „Бастион“. Членовите на групата, која важеше за македонски одговор на електро поп музиката од 80–тите години на 20 век во светот, не го криеја изненадувањето, но и зачуденоста дека има голем интерес за нивниот единствен објавен албум,  33 години по првото издавање.

„Овие нови 500 примероци винил, значи грамофонски плочи, за мене се да речеме нешто чудесно. Чудесно е да се случи вакво нешто. Не знаев ништо за ова. И се разбира дека сум возбудена“, вели вокалистката Ана Костовска.

Зад најновата објава на албумот на „Бастион“, стои новата дискографска куќа, „А Це Це Рекордс“, од Лондон.

„Мислам дека е важна плоча од 80 –тите години, но сметам дека може да биде инспиративна за младите луѓе сега , за луѓето што ќе ја слушаат сега и за генерациите што ќе дојдат. Тоа е многу ретка плоча“, вели Флора Питроло од „А Це Це Рекордс“.

Триото „ Бастион“ е формирано 1983 и постоеше до 1987 година. Истоимениот албум го снимаше во Скопје, а им го објави „ ПГП- РТБ“. Како што велат членовите, материјалот бил снимен за кратко време, а се подготвувал долго. Првите идеи за песните доаѓале од клавијатуристот, денес композитор и ди- џеј, Кирил Џајковски.

„Значи главниот дел го носеше Кирил. Со тоа нели, како почетна идеја се нафрлуваат некои тонови, ова, она, како тој го замислува тоа. Но, после тоа беше слободно“, вели басистот Љубомир Стојсављевиќ.ж

„Ние го снимивме албумот само за три дена. Се беше направено во еден здив, со една многу голема леснотија“, вели Џајковски.

Но, реизданието на албумот на плоча, не е единствено.

Ова реиздание на единствениот албум на „Бастион“ се објавува по втор пат за 12 години. Имено, во 2006 година, материјалот беше реиздаден , но како аудио Це Де. А на него, покрај оригиналните 8 нумери, имаше и песни преработени од актуелни, но помлади домашни групи.

За реизданието на албумот на „Бастион“, што ќе се најде во продажба од 16 март, подготвено е и ново видео, за песната „Деца на сонцето“.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ