Речиси усогласени се законите за судски реформи

Работните групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ речиси целосно ги усогласија законите за судските реформи. Два од нив веќе утре ќе се најдат пред матичната Комисија за политички систем, која ќе покаже дали се апсолвирани разликите поради кои овие закони минатата недела беа одложени. Викендов со нив интензивно се занимаваа работните групи од двете партии. Од опозициската партија велат дека договорот е блиску.

„Законот за Судски совет е 99 одсто договорен. Останува да се допрецизира дел од Законот за судовите. Се уште постојат некои нејаснотии околу дисциплинската одговорност на судиите.“

Од СДСМ велат дека нема сериозни разидувања со ВМРО-ДПМНЕ и дека забелешките се преточени во заеднички амандмани.

Владата смета дека освен политичка, законите треба да добијат и стручна усогласеност. Таков е примерот со Законот за бесплатна правна помош. Вратен е на доработка бидејќи јавната дебата резултирала со амандмани на 53 одсто од членовите.

Законите за Јавно обвинителство и за Кривична постапка речиси воопшто не биле поставени на дневен ред во политичкиот дијалог бидејќи се однесуваат на неспорната борба против тортура. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ постигнале договор за изборната регулатива. Сега ќе се изберат членови на ДИК со претседател од опозицијата а мнозинство од власта како преодно решение, а на есен ќе се направи радикална реформа, со која ДИК ќе биде стручно тело во кое партиите ќе се вклучуваат шест месеци пред избори, а ќе се преиспитува и изборниот модел.

Во работните групи се уште се усогласуваат Собранискиот Деловник и Етичкиот кодекс, како и Законот за аудио и аудио-визуелни услуги.

Соња Николовска      

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ