Ребалансот на буџетот во собраниска процедура

Популистички и наменет за манипулација на гласачи во предизборна година. Вака опозицијата на првиот ден од расправата на матичната комисија жестоко го критикуваше ребалансот. Најмногу забелешки власта доживеа за кратењето на капиталните инвестиции, тоа, велат од ВМРО-ДПМНЕ, е одраз на нејзината неспособност и неефикасност, не држат веќе изговорите за немање време да се подготват квалитени проекти. Обвинувања до Владата и дека најлесно троши пари за социјала и тековни расходи.

Кратите 53 милиони евра од училишта, детски градинки, студенстки домови, а носите плус 69 милиони евра за тековни расходи, тоа е бидејќи институциите не функционираат на потребното ниво, вели Драган Цуклев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Министерката Ангеловска призна дека капиталните расходи досега слабо оделе, вети дека една од нејзините главни заложби ќе биде да се работи на нивно подобро планирање и трошење.

Целта на крајот на денот е парите да не одат на непродуктивни трошења, ако нема прилика да се потрошат, зошто да не се алоцираат каде што се потребни, вели Нина Ангеловска, министерка за финансии.

Една од темите на расправа неизбежно и јавниот долг, опозицијата обвини за големо задолжување, 600 милиони евра во апсолутен износ во првата половина од годинава, од кое не виделе корист граѓаните. Ангеловска возврати дека бил наследен висок долг кој сега е стабилизиран. Годинава ќе се вратат големи износи стари кредити, 265 милиони евра, а овие пари, заедно со оние потребни за покривање на дефицитот од 288 милиони евра, ќе се обезбедат од поволни странски и домашни задолжувања. 

За каде се трошат парите, каде завршуваат парите од нето задолжувањето. Идната ќе се земат нови 600 милиони, плус 500 милиони за Клинички центар, вели Цуклев.

Има стратегија за постепено намалување на јавниот долг, галопирачкиот раст од 2016 сега е стабилизиран, очекуваме да биде до 49,3 пропценти од БДП годинава, вели Ангеловска.

За власта, со ребалснсот повеќе пари ќе добијат граѓаните и фирмите, а од скратените капитални инвестиции средства ќе се пренаменат за новоформираната Агенција за национална безбедност, во земјоделството за борба против свинската чума, за колекторскиот систем во Охрид, за ретки болести и за други намени. За корекцијата на државната каса се поднесени околу 400 амандмани, а власта и опозицијата имаат десет дена рок да расправаат на Комисијата за буџет.

Нина Нинеска Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ