Ребаланс на буџет: Земјава ќе се задолжи 1,75 милијарди евра

Коронакризата ќе ја дозадолжи земјава. За годинава со ребалансот на Буџетот е планирано задолжување за речиси 1,75 милијарди евра. Над 1,25 милијарди се заеми од странство, дел е еврообврзницата од 800 милони евра, а вкупното задолжување од надвор е дуплирано во однос на првичниот план. Дома ќе се задолжиме за 490 милиони евра. За отплата на стари заеми ќе се потрошат 685 милиони евра. Министерството за финанси ги објави бројките од ребалансот.

Најголемите забелешки од експертите се дека Владата и во услови на корона криза и намалени приходи,не се откажа од непродуктивните трошења. А дури 65 проценти од скратените расходи се од капиталните проекти. Од ставката стоки и услуги која е најспорна за експертите за која беа планирани 821 милион евра, со ребалансот е планирано да се потрошат 795 милиони или само 26 милиони евра помалку.

„Само 68% од трошоците за Ковид-19 се покриваат со скратените расходи. Приоритизацијата во намалувањето на трошењата во зависност од нивното развојно значење не е рефлектирана во ребалансот на буџетот. Напротив, очигледниот напор да не се скратат ставки на тековни трошења, од кои дел се сметаат за непродуктивни, може да се толкува како предизборен.“- велат од Институтот „Finance Think“.

Од Институтот сметаат дека ребалансот е задоцнет и најверојатно до крајот на годината ќе треба уште еден ребаланс. Има ризици врз владините проекции, а даночната евазија може да наметне и потреба за корекција на даночните стапки во земјава.Задоволувањето на оваа голема потреба од финансирање ќе ја наметне и потребата да се дискутира за ревидирање на даночни стапки по стивнувањето на првиот удар на кризата“, велат од Институтот.

Со ребалансот има кратења речиси кај сите министерства и институции – МНР, Образование, МВР, земјоделство, одбрана, култура, животна средина. Само кај Владата буџетот е три пати поголем од планираниот од 70 се искачи на 200 милиони евра, а најголем дел од парите се за справување со Ковид 19. Раст има кај Министерстовот за труд, економија, здравство за спроведување на мерките за заштита од корона вирусот.

Инаку Владата со ребалансот планира годинава да потроши 3,95 милијарди евра, или 53 милиони повеќе од планот или вкупно 3,95 милијарди евра. Проекторано е дека приходите во буџетот ќе паднат за 11,5 проценти или за 415 милиони евра, или ќе се соберат вкупно 3,2 милијарди евра. И ако со буџетот требаше да фалат 280 милиони евра, сега со ребалансот, сумата која ќе недостасува ќе се искачи на 750 милиони евра или буџетскиот дефицит ќе изнесува 6,8 проценти од БДП. Економијата ќе падне за 3,4 проценти, а Ангеловска рече дека се очекува јавниот долг на земјава да се искачи 58 проценти од БДП.

Александра Филиповскa

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ