Ратификација во Државниот збор

Вонредна седница во Словенечкиот Парламент. Словенија стана втората земја-членка на Алијансата, по Грција, која го ратификуваше Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО. Се потврдува пријателскиот и принципиелен однос кон нашата земја, рече претседателот на македонскиот парламент Талат Џафери, и сугерираше тоа да продолжи со продлабочување на економската соработка. Потсети дека потпишувањето на Договорот од Преспа не беше лесен процес.

На меѓупарламентарно ниво, Џафери очекува помош во јакнењето на собраниските капацитети, како и стручна и експертска помош.

За ратификацијата гласаа 72-ца, а 12 пратеници од вкупно 90 не дадоа поддршка. Против се изјаснила Левицата, која генерално е против НАТО и смета дека не е во интерес на Македонија да се вклучува во, како што велат, империјалистичка организација.

Во Албанскиот Парламент ниту еден пратеник не е против НАТО. Вчера во Законодавно-правната комисија, а денеска во Комисијата за надворешна политика, едногласно беше поддржан Протоколот за членството на Македонија во Алијансата. Се очекува ратификација на пленарна седница во четврток, со присуство на спикерот Талат Џафери.

Соња Николовска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ