Расправата за законот за ЈО денеска на седница, Џафери повика на лидерска за потврда на изборите

Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера на седницата за законот за Јавно обвинителство предложи за денеска одржување на лидерска средба на која, како што рече, ќе се потврди желбата на сите партии за одржување на изборите на 12 април. Тој претходно ја одложи седницата оти се пријавиле повеќе од 30 говорници и поради тоа што пратениците цел ден му се жалеле дека биле преморени од чекање.

Џафери синоќа во 22 часот ја почна седницата на која треба да се расправа за предлог законите за Јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители и по кратко време ја прекина и ја презакажа за денеска во 11 часот. За во 15 часот е закажана седницата за предлогот на премиерот Спасовски, техничката министерка за труд и социјала, Рашела Мизрахи, да биде разрешена.

Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски негодуваше дека е надвор од секој логика да се закажува седница во 22 часот. Рече дека цел ден седницата не почнувала за да се уценуваат пратеници.

Собранискиот спикер на пратениците кои вчера му праќаа пораки на Фејсбук им порача дека нема профил на социјалната мрежа и дека ако преку такви пораки повикуваат дека имало можност да се создаде ново парламентарно мнозинство, да одржат лидерска средба.

-Се додека примам пораки дека има можност да се создаде  друго мнозинство дека ќе биде поуспешно, јавно ги повикувам партиските лидери доколку сериозно мислат дека имаат потреба да создадат друго мнозинство, јавно ќе организирам преку мојата покана во текот на утрешниот ден да имаме лидерска средба согласно Пржинскиоит договор, согласно договорот за предвремените избори од 12 април, да потврдиме дека има желба да се одржат изборите на 12 април, истакна Џафери.

Генралниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски на Фејсбук напиша дека ако во Собранието се продолжи со тактизирање и ако на кој било начин се оневозможи гласање на важните закони, а особено Законот за јавно обвинителство, Изборниот законик, Законот за одбрана, разрешувањето на Мизрахи, постои реална можност ние да направиме ново парламентарно мнозинство, а потоа и нова стабилна влада која ќе организира редовни парламентарни избори.

„Северна Македонија нема да биде заложник на партиски и криминални интереси, правната држава и европската иднина се приоритет на граѓаните и за тоа ќе се бориме до последниот атом“, напиша Николовски на Фејбук.

Собранието денеска во рамки на 135. седница треба да расправа по законите, кои веќе поминаа во Комисијата за европски прашања и во матичната Законодавно-правна комисија.

Двотретинско мнозинство е потребно за законот за ЈО, кој не е официјален  услов за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ, но сепак од високите европски претставници се споменува како позитивен сигнал кој би можел да го придвижи процесот.

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ