Ракометарките подготвени за настапот во Скопје

Македонската женска ракометна репрезентација ги финишира подготовките за настап на квалификацискиот турнир за пласман во баражот за Светското првенство кое ќе се одржи во текот на следната година.

Во арената Борис Трајковски од петок па до недела против селекциите на Азербејџан, Исланд и Турција ќе се бориме за првото место кое носи учество во баражот за Мундијалот.

“Влегуваме во завршниот дел од подготовките имаме уште неколку тренинзи до почетокот на турнирот и дуелот со Азербејџан и можам да кажам дека сум задоволен од досегашната работа. За жал бев принуден да направам измена во составот, поради повреда нема да можеме да сметаме на левото крило Гајиќ и на нејзиното место е повикана Нолевска. Пред да почнеме со тренинзите настапот го откажа и Теодора Керамичиева, која исто така е повредена и не можеше да биде дел од тимот за овие квалификации”, изјави селекторот Симе Симовски.

Прв противник на турнирот ни е селекцијата на Азербејџан, која не треба да ни задава поголеми проблеми, но тоа е тим кој од сите што ќе дојдат во Скопје кој е најголема непознаница за стручниот штаб.

“Азербејџан е непознат противник, не само за нас туку верувам и за сите останати репрезентации. Ги видовме двата настапи на оваа селекција во Баку на Азиските игри и тоа се двата натпревари кои ги искористивме за анализа во пресрет на турнирот. Иако не сметаат за фаворити на овој меч, но морам да потенцирам дека нема ниту една селекција која има некаква предност пред стартот на натпреварувањето. Мораме да играме со полна сила, да го продолжиме ритамот на игра што имавме на Медитеранските игри во Тарагона и на контролните дуели со Италија”, потенцираше Симевски.

На стартот од турнирот утре од 18 часот играме против Азербејџан, в сабота во истиот термин се соочуваме со Исланд, а в недела противник ни е репрезентацијата на Турција.

Влезот за сите заинтересирани е слободен.

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ