Ракометарите добија идеална ждрепка за ЕП 2020

Македонската ракометна репрезентација доби релативно лесни противници во групата на Европското првенство во 2020 година, што ќе се одржува во Австрија, Норвешка и Шведска. И самите да ги биравме ривалите, тешко дека можеше да одбереме подобро од ова.

Македонија се најде во рамки на групата Б, што ќе се игра во Виена. Од најквалитетниот барабан ја добивме најслабата репрезентација, Чешка, потоа домаќинот Австрија и Украина. Ова се добро познати ривали со кои сме играле изминативе неколку години, а Чешка не победи на последното Европско првенство во Хрватска, па сега можеби е време за мала одмазда. Во ваква конкуренција реално е да очекуваме и прво место во групата.

Групата А ќе биде исклучително интересна, бидејќи во Грац ќе се натпреваруваат три репрезентации од поранешните Ју-републики, Хрватска, Црна Гора и Србија, а тука е и Белорусија.

Во останатите групи:

ГРУПА Ц (Трондхајм): Шпанија, Германија, Летонија, Холандија

ГРУПА Д (Трондхајм): Франција, Норвешка, Португалија, БиХ

ГРУПА Е (Малме): Данска, Унгарија, Исланд, Русија

ГРУПА Ф (Гетеборг): Шведска, Словенија, Швајцарија, Полска

Европското првенство стартува на 9 јануари идната година и за прв пат ќе учествуваат 24 репрезентации. Во главната фаза ќе се квалификуваат првите две репрезентации од групите и ќе ги формираат двете главни групи со по шест репрезентации. потоа најдобрите две селекции од двете групи ќе се пласираат во полуфиналето. Завршните натпревари ќе се играат во Стокхолм.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ