Пуштени во употреба новите простории на ОЈО Куманово

Обвинителите од Основното јавно обвинителство Куманово од денеска се сместени во нови реконструирани простории во зградата на Основниот суд. Од денеска, кумановското обвинителство е сместено на третиот кат и има двојно поголем број на простории. Реконструкцијата на обвинителствата се спроведува со средства од фондовите на ЕУ.

Од понеделник ќе почне да функционира и истражниот центар за кој е обезбедена канцеларија.

Проектот, покрај ова обвинителство опфаќа десет oсновни јавни обвинителства од кои две други во Струмица и Битола добиваат нови простории, додека во другите се реновираат постојните простории. Некои обвинителства добиваат проширување на просториите. Реконструкцијата на обвинителствата се одвива преку поддршка од ИПА фондовите од ЕУ. Условите во кои ја извршуваат функцијата јавните обвинители значително ќе се подобрат, спомнав дека тоа се однесува за зградите од половина на обвинителствата, а општо познато беше дека обвинителствата имаа несоодветни услови за работа, во некои од обвинителствата дури условите беа многу тешки, изјави државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Основниот јавен обвинител од ОЈО Куманово, Теута Бедиу Рамадани информираше дека ова е голема промена бидејќи опфаќа целосна реконструкција на просториите на третиот кат, лифт кој можат да го користат странките со инвалидитет, со што се исполнуваат станадардите за ваква институција, а ќе можат да го користат и странките од судот.

Можам да кажам историска промена, бидејќи и сами сте имале прилика да видите во какви услови работевме. Направувме размена на просториите со судот, добивме пет канцеларии повеќе, конференциска сала. Имавме добра соработка со судот во овој контекст, изјави Бедиу-Рамадани.

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ