Пцости, викотници и навреди на судењето за Диво Насеље

Почнаа со едноминутен молк за загинатите во Диво Насеље, но молкот се претвори во викотници и тензии, пцовки и навреди на обвинетите кон 5-мината судии од апелација. Најгласни беа Валдет Зекај и Генц Сефа . Рекоа дека не го признаваат судот, бараат меѓународна истрага и дека адвокатите немаат обвластување да говорат во нивно име.

Откако камерите излегоа од судница атмосферата уште повеќе се вжешти. Специјалците и затворската полиција беа на нозе. Обвинетите не ги слушаа пораките на судијката пренесени преку преведувач со цел да се смири атмосферата и бараа да си заминат. Судијката Цветанка Периќ им објаснуваше дека во судот се донесени на нивно барање и дека нивното присуство не е задолжително а јавната седница може да продолжи и без нив.  Но, освен што им вратија со погрдни зборови обвинетите им рекоа на судиите дека се дојденци а дека овде е Албанија. Сефа започна да чита и писмо во име на сите обвинети судијката што ја водеше седницата му укажа дека подоцна ќе му даде збор, но тоа предизвика нова лавина рекации. Писмото не го дочита, но од она што го видоа новинарите во него има обвинувања дека Диво Насеље е режирано од Груевски и Ахмети и дека целта била да бидат убиени на спиење. Освен овие двајца бараат да сведочат и десетина поранешни функционери на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ меѓу кои и Сашо Мијалков и Муса Џафери но и поранешниот претседател Иванов.

По само половина час откако почна седницата речиси сите обвинети, освен тројца кои побараа да останат, беа вратени во затворите.

Преходно, час и половина траеа безбедносните проверки и процедури за да влезат сите заинтересирани во големата сала на Врховниот суд. Детално се проверуваше секој што влегува, а новинарите мораа да ги остават телефоните пред судница. Но, не само судот специјалци вриеше и насекаде околу. Кучиња ги проверуваа возилата, а полицискиот хеликоптер од небо го надгледуваше конвојот со обвинети.

Седницата на апелација е планирана да продолжи и утре со жалбите на одбраната која бара укинување.

Кривичен во 2017 година изрече  седум доживотни затворски казни за Диво Насење, а 13 затворска казна во траење од 40 години, шестмина се осудени на затвор од 20 години, еден обвинет доби 18 години затвор, двајца затвор од 14 години, двајца 13 години, а четворица беа ослободени.

 

Елена Ивановска Мукоска

 

 

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ