Прво европско злато за Франција

Домаќинот на Европското првенство во ракомет во женска конкуренција, Франција во финалето ја совлада Русија со 24:21 и за прв пат во историјата се закити со златен медал на континенталните шампионати.

Русинките кои доминираа на ова првенство само два пати во текот на финалето имаа предност од еден погодок, а Триколорите постојано го одржуваа водството од еден до два гола, а во финишот влегоа и со предност од три и на крајот сосема заслужено стигнаа до тронот обединувајќи ги светската и европската титула.

Французинките играа сигурно во одбраната предводена од Амандин Лејно која имаше 12 интервенции, а противникот го принудија да загуби 11 топки и што беше доволно во израмнета игра да стигнат до победа и прво место на првенството.

Александра Лакрабер беше најефикасна со шест погодоци, а четири пати прецизна беше Естел Нзе Минко.

Во поразениот тим Ана Вјахирева постигна седум гола додека Дарија Дмитриева пет пати се запиша во листата на стрелците.

Следното Европско првенство за две години ќе се одржи во Данска и Норвешка, а во 2019-тата Јапонија е домаќин на женскиот Мундијал.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ