Проветрување во установите од културата со нови имиња за директори

Проветрување во установите од културата. Вака на прв поглед изгледа листата со 22-ца нови директори , кои добија решенија од министерот Асаф Адеми, за управување со установите во следниве 4 години. Меѓу нив, најпознати се: музичарот Мартин Вучиќ, кој ќе раководи со Ансамблот за народни песни и игри „Танец“, Тодорче Тасевски, кој по децении работа во Министерството за култура, ќе биде директор на Струшките вечери на поезијата и Виктор Илиески, кој беше претседател на Синдикатот за култура и в.д. директор на Македонската филхармонија. Функцијата в.д. директор на МНТ, ја заменува со директор со полн мандат, Симона Угриновска, а Драмскиот театар за директорка ја добива Викторија Рангелова, вработена во оваа установа како драматург.

Непозната за пошироката јавност е Наташа Поповиќ која ќе седне во директорската фотеља на „ Охридско лето “. Директори со полн мандат добија библиотеките во Битола и Тетово, конзерваторските центри во Скопје и Гостивар, музејот во Куманово, центрите за култура во Крива Паланка, Кочани,  Делчево, Дебар, Струга и Кичево, каде изборот беше направен минатиот месец како и за музејот „Д-р Никола Незлобински“ во Струга.

Поставени се и првите луѓе на заводите за заштита на спомениците на културата и музеи во Штип, Струмица и на Археолошки локалитет  „Стоби“. Конкурсите беа отворени на 20 јули, завршија на 6 август, а додека се чекаа резултатите , незадоволни татарџии и други културни работници кои сакаа да останат анонимни, до Телма праќаа докази дека изборот на директори се врши по партиски кадровски комисии и по партиски тефтери.

Денеска со допис до медиумите се јави в.д. директорот на Драмски, Сашо Тасевски, соопштувајќи дека ја напушта функцијата. Се очекува во најскоро време, директори со полн мадат да добијат Велешкиот, театарот Комедија, НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје, Археолошкиот музеј и други установи.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ

Култура

Уметниците и работниците од независната културна сцена бараат од Владата да формира Специјален фонд за субвенции поради кризата со корона вирусот

Кризата со корона вирусот сериозно ја загрозува егзистенцијата на уметниците и културните работници од независната...