Протест на специјализантите со кофинансирање

Млади лекари повторно собрани пред Министерството за здравство протестираа за повеќе привилегии. Кофинансираните специјализанти, 130 на број се побунија затоа што се чувствуваат дискриминирани од здравствените власти, наспроти нивните колеги со приватна и државна специјализација. Бараат повисока плата и загарантирано работно место и за нив.

Ние сме кофинансирани приватни специјализанти и ниедна промена што досега беше направена не важела за нас. Значи, ниедно покачување, ниедно подигнување на условите како што тоа се случи за други останати групи не не зафати нас,

вели Сандра Цилевска – Кофинансиран специјализант.

Здравствените власти одлучија да им понудат на државните специјализанти променети договори и да ги платат приватните специјализанти. Оние коишто денес протестираа, кофинансираните специјализанти работат за просечна плата што значи дека се платени помалку од нивните колеги со кои работат иста работа.

Работиме на определно време и притоа земаме просечна плата исплатена во државата што моментално е 24 илјади денари и во однос на нашите колеги доктори-специјализанти коишто моментално земаат многу повисока плата од тоа, со најавените покачувања, а ние ќе останеме како подредена група на специјализанти и доктори и би работеле во многу полоши услови во однос на истите колеги со коишто извршуваме иста работа и на ист начин сме рангирани медицински и општествено,

вели Цилевска.

Специјализациите со кофинансирање не се опфатени во Законот за здравствена заштита и затоа докторите од оваа група побарале совет од правници околу тоа како да се остварат нивните барања. Изработиле предлог решение и му го презентирале на министерот Филипче во јули. Одговор не добиле, а од Министерството за здравство испратија свој став до медиумите.

Во текот на оваа недела работат работни групи во соработка со Фондот за здравствено осигурување што треба да дадат информации на каков начин може да се најде решение за барањата на кофинансираните специјализанти,

велат од министерството.

Младите лекари протестираа пред портите на Министерството за здравство помалку од еден час, а се заканија дека ако не наидат на слух кај министерот ќе пронајдат и други начини како да го свртат вниманието кон себе. За денешниот протест, поддржани беа и од двете здруженија на лекари-специјализанти.

Петар Догов

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ