Пропадна компромисниот предлог на Финска- ставот на Франција не омекнува

Не поминаа заклучоците на финското претседателство на вечерашниот состанок во Луксембург на амбасадорите на земјите-членки на Европската унија, дознава Телма од извори од македонската влада упатени во текот на состаноците.

Ова значи дека предлогот на Финска да се даде датум за почеток на преговори со Македонија, а во меѓувреме да се промени методологијата на преговарање на која инсистира Франција, е одбиен и за него ќе расправаат министрите за надворешни работи, утре во Луксембург.

Франција на амбасадорскиот состанок не поддржала ниту одвојување на Северна Македонија од Албанија, ниту пак ги прифатила предлозите на финското претседателство.

Холандија и Данска кои имаа резерви кон проширувањето се за одвојување на Македонија од Албанија.

Франција останува на ставот дека прво треба да се промени начинот на преговарање со Унијата, кој сега го смета за премногу технички, а потоа да се отвораат преговори со идните членки.

Поради противењето на Франција одлуката за почеток на преговори беше одложена на јунскиот самит, а сега ситуацијата повторно станува неизвесна.

Поради ова во дипломатска мисија во вонредна посета на Луксембург во последните часови на одлучување ќе допатува вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, а во Брисел е веќе министерот за надворешни Никола Димитров.

Тој ги убедува земјите членки дека ова е историски Самит и дека Македонија заслужува да ги почне преговорите со Унијата, а дека иницијативата на Франција за преиспитување и реформа за примеот на нови членки е разбирлива.

Прогнозите се дека на утрешниот министерски совет разговорите нема да одат мазно, и дека е многу веројатно прашањето околу датумот за Македонија да го решаваат европските лидери на Самитот што почнува во четврток во Брисел.

Од Брисел за Телма, Марија Дивитарова

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ