Претседателот ја доставил документацијата за спорните укази до Антикорупциска

Кабинетот на Претседателот денеска ги доставил податоци до Комисијата за спречување корупција поврзана со указите од 25 февруари за одликувања, унапредување и поставувања во АРМ. Антикорупциска отвори предмет за указите дали тие го кршат Изборниот законик бидејќи се донесени во предизборен период.

Очекуваме од Државната комисија за спречување на корупцијата во најкус рок да постапи по овие случаи, со што би се отстраниле појавените шпекулации во јавноста, се наведува во одговорот за Телма од Кабинетот на претседателот.

Од министерството за Одбрана за Телма информираат дека во најкраток можен рок ќе ги достават информациите и документате до Антикорупциска, поврзани со предметот за указите, наведувајќи дека до нив барањето од Антикорупциска за информација стигнало вчера.

Указите од претседателот освен периодот на издавање, спорни се и по тоа што се објавени во Службен весник под старото име на државата, а по нив постапил Генераштабот на армијата. Засега нема одговороност од Службен весник за направената грешка. Владата се уште ја анализира грешката.

Инаку од Генералштабот за Телма велат дека не сакаат да ги коментираат унапредувањата и поставувањата кои се во надлежност на Претседателот и Врховен Командант согласно Уставот. За тоа дали за АРМ не е спорно што постапило по укази кои се издадени под старото уставно име кое уставно-правно веќе не постои, од Генераштабот ни одговорија:

Припадниците  на армијата согласно принципот на едностарешинство и субординација во командувањето се должни да ги почитуваат и извршуваат наредбите на претпоставените на начин и согласно утврдените законски одредби кои ја утврдуваат оваа област (член 8 од Законот за служба во армијата и Уредбата за извршување наредби).

Во истиот член  од законот во став 5 и 6 се наведува дека „наредбата не се извршува ако нејзиното извршување претставува кривично дело“. Инаку непочитувањето на Уставот повлекува кривична одговорност.

Со указите претседателот одликува четворица војници, а го унапреди Началникот на Генераштабот, Васко Ѓурчиновски, од генерал мајор во генерал потполковник. Освен чинот за Ѓурчиновски тоа ќе значи и 7.500 денари повисока плата на досегашните 77.020 денари. Со указите поставени се и двајца полковници на позиции кои според армиската формација се генералски. Бројот на формациски места во армијата кои се извршуваат со генералски чин се девет. Од тие места пополнети се седум иако армијата има девет активни генерали. Двајца се упатени на служба во Министерството за одбрана. Генералските плати се движат од 62.000 до 81.500, а во просек изнесува околу 73.000 денари. Само за споредба платата на вицепремиерот и министер за одбрана е 79.000.

Указите освен разместувања создадоа и контрадикторни ситуации. Токму еден од двајцата генерали во Одбрана е распределен таму со указите од 25 февруари. Бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски од местото командант на 1.Механизирана пешадиска бригада е упатен за воен претставник во НАТО, за чие упатување е потребен и потпис од министерката за одбрана. Откако Антикорупциска почна да ги преиспитува указите Шекеринска соопшти дека нема да ги потпише упатувањата. Ѓоргоски поради тоа што со наредба е сменет од местото командант, а нема потпис од министерката за воен претставник во НАТО, во моментов нема работна позиција. Сепак според информациите од Одбрана тој ќе прима плата по чин и други додатоци, но намалена за 2.420 денари, колку што изнесува додатокот за трупна служба која до сега ја извршувал.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ