211 години затвор за 16-те обвинети за настаните во Собранието од 27 април

Митко Чавков поранешниот директор на БЈБ е осуден на 18 години затвор за настаните од 27 април. Освен Игор Дурловски, кој судот го ослободи од обвинението, сите останати добија високи затворски казни.

Покрај Чавков на затворски казни се осудени и Митко Пешов 15 години, Душко Лазаров 15 години, Горан Ѓошевски Леви 15 години, Оливер Поповски 13 години, Оливер Радулов 10 години, Мумир Пепиќ 15 години, Абдулфетах Алими 7 години, Младен Додевски 12 години, Јане Ченто 15 години, Горанчо Ангеловски 12 години, Игор Југ 12 години, Влатко Трајковски 15 години, Вилијам Михајловски 14 години, Никола Митревски Кољо 15 години, Александар Василевски Нинџа 8 години.

Обвинителството предложи продолжување на мерката притвор за осудените Митко Чавков, Јане Ченто, Игор Југ, Младен Додевски и Влатко Трајковски, бидејќи постои опасност од бегство. За преостанатите за кои е изречена затворска казна е побарано определување мерка притвор до правосилност на пресудата.

Судскиот процес почна во август минатата година и е еден од најголемите во поновата македонска историја. На почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа извршители на упадот во парламентот и на нападите врз пратениците на актуелната власт. Но, по донесувањето на Законот за амнестија беа помилувани 15 лица.

Чавков на денешното рочиште е спроведен од затворот „Скопје“, каде што се наоѓа поради одредената мерка притвор поради страв од бегство. Основното јавно обвинителство на 12 овој месец, по добиени сознанија и поради страв дека поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков ќе се даде во бегство и ќе се крие со цел да ја избегне кривичната одговорност, побара од Основниот суд Скопје 1 – Скопје да му биде определена мерка притвор.

На извршителите во овој процес јавното обвинителство им придодаде и петмина организатори на настаните од 27 април: Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Никола Бошковски, кои се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

 

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ