Преку тендер ќе се бира компанија за зелената нафта

Наместо да отвораат трансакциски сметки во банка, земјоделците зелената нафта ќе ја купуваат преку компанија која Владата ќе ја избере на тендер, за така да имаат најлесен пристап. Концептот преку трансакциски сметки кој беше во игра е напуштен, за тоа да не им предизвика додатни трошоци и тешкотии на производителите.

Со оваа мерка државата ќе им помага на земјоделците при набавката на гориво за механизацијата, со тоа што ќе покрива 30 отсто од нивните трошоци. Годинава за таа немена од буџетот ќе бидат потрошени 3,3 милиони евра. Со вчерашното усвојување на Уредбата, вели директорот на Платежната агенција, Бабовски, процесот е целосно откочен.

Мора прво да ја завршиме тендерската постапка за да се одбере соодветен економски оператор, и после тоа нашите фармери ќе добијат зелени картички, и со нив да можат на бензинските пумпи за својата механизација да точат гориво, и да си ги искористат овие средства, со што многу ќе се поевтини нивното производство, вели Николче Бабовски, директор на Платежната агенција.

Се ветува транспарентен процес на избор. Зелената нафта треба да ја добијат 55 илјади земјоделски стопанства, но кога точно и дали ќе стигне до пролетната сеидба, не може да се прецизира. Министерот Николовски вели, се зависи од роковите за тендерот.

Постои Закон за јавни набавки, постојат постапки, секој мора да постапува чесно, искрено и одговорно. Согласно законските рокови такви какви што се, во најкус можен временски рок во 2019 зелената нафта ќе биде достапна до земјоделците. Кога ќе почне постапката, ќе знаеме колку време е потребно за секоја активност, има законски рокови во оваа држава, ако некој смета дека не треба да ги почитува, тоа е друг проблем, вели Љупчо Николовски, министер за земјоделство.

Министерот не се согласува дека Владата доцни со оваа мерка, морала прво да се утврди методологијата на исплата, бидејќи се работи за пари на граѓаните.

Земјоделците велат дека долго ја очекувале, се надеваат дека зелената нафта ќе ја добијат што побргу.

Ако дојде до примена, ќе дојде до евидентно намалување на цената на чинење на земјоделскиот производ. Таа мерка беше и во Програмата на Владата, вели Ристо Велков, Сојуз на синдикат на земјоделците.

Како ќе се реализира мерката ќе се следи, а не е исклучено во наредниот период субвенциите да достигнат и до 50 проценти.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ