Повредените од Романовце втор ден се борат за живот

Докторите на Клинички и во Старата градска болница ќе имаат уште многу работа за да ја стабилизираат состојбата на згрижените пациенти од Романовце. Сите од нив се со изгореници и се критични, по вчерашната експлозија на плинска боца во дневната соба во куќата на семејството Алими. Во хируршката болница Свети Наум Охридски се уште не сакаат да прогнозираат како ќе се опоравува жената која е кај нив на интензивна нега и е во седмиот месец од бременоста. Критична е состојбата и на десетгодишното дете кое е приклучено на апарати за дишење.

На КАРИЛ вчера беа примени четворица повредени. Еден почина доцна синоќа,  а тројца и понатаму остануваат приклучени на апарати за дишење и постојано под будното око на лекарите. Две жени имаат осумдесетпроцентни изгореници по телото.

Трагедијата во кумановско Романовце се случи вчера претпладне. Три деца починаа на лице место додека седеле на гости со роднините во недела. Не можеле да се спасат од пламенот и чадот по експлозијата. Жителите на Романовце потресено коментираа дека не паметат таква трагедија во нивното место. Затоа Советот на Општина Куманово одлучи утрешниот ден да биде прогласен за Ден на жалост. Дел од советниците побараа и зголемена инспекција за производителите и дистрибутерите на плински боци.

Петар Догов

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ