Повратот на ДДВ намален за 2,3 отсто, Финансии тврди – се одвива непречено

Забавува ли повратот на ДДВ кон бизнисот, или само се враќа во нормалниот тек? Во првите четири месеци државата на компаниите им вратила 126 милиони евра, што е помалку за 2,3 отсто од истиот период лани, се вели во најновиот извештај на Финансии. А во истиот тајминг наплатата на овој данок била повисока за 5,1 отсто, што го наметнува прашањето дали затајува еден од главните адути на поранешниот прв финансиер Тевдовски, кој на стартот од министерувањето вети дека повратот ќе оди брзо, што и се случи во првите месеци од 2018. Дел од бизнисмените велат дека нема проблем со повратот, не се случуваат ни намерните контроли кои ја одлоговлекуваа постапката.

Мора да кажеме дека има динамика, воспоставена е една рамка, еден начин на кој се враќа ДДВ-то, намалени се тие чешлања и контроли во компаниите, се знае кои компании имаат потреба од своите пари со повратот на ДДВ, така да, сега ова намалување може да се должи на повеќе фактори, но еден од факторите е дека насобраното од предминатата година е сега навистина намалено, вели Миле Бошков, Бизнис Конфедерација.

Од Финансии за Телма тврдат дека повратот оди непречено, а намалувањето во првите месеци било заради повисоката споредбена основа од лани.

Повратот на ДДВ кон фирмите се одвива непречено – по автоматизам, и во првата половина од годинава тој е повисок во однос на претходната година. Во однос на податоците заклучно април, тие се должат на повисоката споредбена основа минатата година – односно април 2018 во однос на април 2017 забележува раст од над 40 отсто, велат од Министерството.

Бизнисмените, сепак, предупредуваат на опасноста, заради мерката со која плаќањата во кеш од стартот на јуни се ограничија на 500 евра, во следните месеци да се намали прометот, а со тоа и собраните пари од ДДВ во државната каса.

Имаме повратници од странство во моментов, се прават свадби, се куќат куќи, се купува многу опрема, односно се враќаат тука тие пари што се заработени надвор, треба да се дојде до податокот дали реформата со 500 евра во готово ќе има или ќе нема плод и дали ќе влијае на втората тура на прибирање на ДДВ и повратот во компаниите“, вели Бошков.

Во моментов, во Финансии нема министер, и според последните владини заклучоци, премиерот Заев ќе ги насочува финансиските политики, а заменик министерката Ширет Елези ќе презема овластувања и одговорности за раководење со ова министерство.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ