Потребна е постојана подготвеност за борба со цензурата

Последниот пример за цензура на домашната уметничка сцена, е од 2012 година. Билбордот на уметничкиот двоец ОПА, на кој се рекламираше детергент за длабинско чистење, како сатирично – ироничен коментар на тврдењата за самоисчистените фрески од црквата Свети Димитрија , беше искинат и тргнат од тогашната локална власт и верниците.

„ Рекоа дека делото ги навредува верниците. Меѓутоа според мене, на што сакавме да реферираме ? Да реферираме на таа политичка моќ што ја има црквата, поготово заедно , во спрега со тогашната влада, за една голема манипулација што се случуваше“ изјави Слободанка Стевческа- уметничка група ОПА.

Цензурата во науката и во уметноста, е присутна и преку автоцензура. Таа, повеќе е прашање на менталитет, отколку резултат на општествено – политички стеги. Поврзана е со комформизмот, со желбата за напредок во кариерата, или кога уметникот креира дела кои тематски се врзуваат со одредени табуа во општеството.

„ Како жена- уметник, која особено се занимава со прашањето на телесноста, некогаш имам потреба да се автоцензурирам заради општествените прилики и неприлики, односно заради осудата која што можеби би можела да дојде“, рече  Јана Јакимовска- ликовен уметник и професор на Универзитетот „ Гоце Делчев“.

„Човекот кој што сака да оди напред во науката, во смисла на просперитет по сите оние степени на развојот, мора да биде пристоен, мора да размислува за оние кои утре ќе гласаат за него и ќе го бираат. И тој уште на време си ги поставува основните принципи на автоцензура за да ги задоволи критериумите на своите претпоставени“, смета Никос Чаусидис – професор по историја на уметност и археологија.

Според уметникот Атанас Ботев, чии билборди со грчко знаме со кукаст крст беа тргнати по протестната нота од јужниот сосед, а ја најавуваа неговата изложба во КИЦ, 2008 година, во денешните западни демократии цензурата се практикува преку политичка коректност, со цел запазување на општествените норми.
„ Политички коректни заради тоа што некој смета дека на тој начин треба да се создаде некаква толерантност“, вели Ботев.

Иако е недопустлива, цензурата може да го прослави уметникот и да го афирмира неговото творештво. Затоа некои уметници прават скандали за лична промоција, дополни Ботев. За разлика од претходната, учесниците на трибината не очекуваат од актуелната власт да спроведува цензура. Но, се согласија дека тие секогаш треба да бидат спремни да ги препознаат негативните примери и да се борат против нив.

 

Сотир Трајков
Снимател: Јане Марковски

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ