Посилно да се контролираат платформите што нудат сместување, не се добива тоа што се нуди

Не само врз туристичките агенции, посилна контрола и врз платформите кои нудат сместување, бара Организацијата на потрошувачи. И оваа сезона до нив стигнале бројни поплаки од граѓани, особено од оние што патуваат во странство. Најчесто се жалат дека на интернет се нудат привлечни слики на хотели и апартмани, но кога туристот ќе замине доживува шок, се соочува со очајни услови и низоки квалитет.

„Има потреба од поголема контрола на платформите каде што се продаваат услуги за ноќевање, за користење на станови и слично, бидејќи не секогаш соодветствуваат со она што е објавено. Не наведувам кои платформи, но сите платформи треба соодветно да се контролираат и кај нас и да се види дали навистина тоа го даваат, особено кога одиме надвор од државата, се среќаваме со одредени недостатоци, а тоа го има утврдено и Европската унија. Првин даваат добар изглед на смештајот, а кога одиме таму изгледот не одговара на она што вие го очекувате, или не ви ги даваат сите информации за да можете да знаете како потрошувач што ве очекува“, вели Лончар.

Неодамна од Пазарниот инспекторат се пожалија дека немаат ни доволно пари, ниту кадар да ги проверуваат интернет платформите. Од Владата, пак, најавија дека ќе се обучуваат специјални инспектори кои ќе ги следат онлајн туристичките услуги, се до можноста да влегуваат и во станови каде се сместени тие сајтови. Ќе се заоструваат правилата и за туристичките агенции, се предвидуваат осигурителни полиси за да може оштетените од некое патување што побрзо да го добијат надоместокот.   

А потрошувачите се жалат и на други проблеми, дури 2.400 претставки годишно добиваат во Организацијата. Голем број се за техничката стока, се продава со фабричка грешка, а потоа проблемите тешко се решаваат при сервисирањето, особено кога нема резервни делови. Владата ветува нов закон за заштита на потрошувачите, на него се работело заедно со ЕУ, после одморите треба да се стави на ЕНЕР и сите засегнати да дадат забелешки.

„Имајќи ги предвид и последните трендови што не се само европски, туку и глобални, каде потрошувачот бара за продуктите што ќе одлучи да ги купи да исполнуваат некакви стандарди“, вели Крешник Бектеши, министер за економија.

А денеска, перку проект финансиран од ЕУ, 45 компании добија сертификат Фер за потрошувачот, со јасно дефинирани правила за заштита на безбедноста и здравјето, фер пазарни практики, но и спогодбено решавање на поплаки и спорови.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ