Поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ го демантираат Нинџа, обвинителката ќе го проверува исказот

Поранешната заменичка во ресорот правда Билјана Бришковска Бошковски, за која обвинетиот Александар Василевски Нинџа тврдеше дека на 27 април комуницирала со поранешниот претседател на Собранието Вељановски, за пратениците да ги отворат вратите од Собранието, во изјава за Телма го негира исказот и се сомнева дека е посочена тенденциозно, поради изјавите кои ги дала последниов период а со кои дава поддршка на осумте пратеници кои гласаа за уставните измени, како и на евроатланскиот процес.

Претседателот Иванов денеска и пред камерите негираше дека под притисок на странски фактор се повлекол од планот за прогласи воена состојба. И тој потенцира дека станува збор за изјава на обвинет кој прави се да го одбегне тоа што му следува. За неговите сораборници Борис Јосифовски и Синиша Алексовски кои исто така беа посочени од Василевски, вели се што имале да кажат изјавиле пред обвнителката кога биле сослушани.

Велјановски не одговори на нашите телефонски повици, но успеавме да стапиме во контакт со поранешниот министер за образование Спиро Ристовски кого Нинџа го спомена дека се координирал со организаторите на протестите. Тој кусо ни одговори

Исказот кој вчера беше изнесен не е вистинит и не сакам повеќе да коментирам.

Кирил Божиновски, Миле Јанакиевски, Митко Чавков и Владимир Атанасовски кои исто така беа посочени дека биле на осмиот кат од белата палата, од каде се давале насоки за собраниските инциденти, се во притвор во Шутка. Првите двајца денеска беа во судница на рочиштето за „Титаник“ каде се обвинети заедно со Бришковска.

Обвинителката Вилма Русковска потврдува дека Василевски, кој беше во бегство неколку месеци но подоцна сам се пријави, дал сличен исказ уште во истрага. Русковска потенцира  дека еден исказ даден од обвинет или сведок сам по себе не е доволен за да се отври истрага за некого. Потребно е барем неколклумина да потврдат исказ на сведок или обвинет во постапката или пак да ако биде поткрепена изјавата и со материјални докази. Додава дека обвинителството ќе ги проверува неговите тврдења.

Исказот на Нинџа вчера одекна како бомба во јавноста. Говореше со конкретни имиња, локации и многу детали, но воопшто не го спомена поранешниот лидер на партијата Груевски.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ