(видео) Легендарниот Коби Брајант го загуби животот во хеликоптерска несреќа, меѓу 5-те жртви е и неговата 13-годишна ќерка Џиана

Поранешната НБА ѕвезда и еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, Коби Брајант, го загуби својот живот  во хеликоптерска несреќа, на 41- годишна возраст .

Брајант и уште четири лица загинале по пад на хеликоптерот во околината на Лос Анџелес.

Според американските медиуми, во страотната трагедија животот го загуби и 13 годишната ќерка на Коби, Џана Марија Оноре Брајант. Таа  требала да игра на егзибиционен кошаркарски натпревар во спортската академија Мамба во Таузенд Оукс, кој бил закажан за на пладне, а Коби бил тренер.

Информацијата ја потврди и угледниот НБА новинар Адриан Војнаровски чии извори велат дека Брајант бил во хеликоптерот кој изгорел целосно по падот.

Повикот за паднат хеликоптер се појавил во 10.00 часот по локално време, соопшти полицијата на округот Лос Анџелес. Пожарникарите присуствуваат на местото на настанот и го гаснат пламенот, но преживеани нема.

Брајан, кој заради својот неверојатен “убиствен” талент беше познат по прекарот “црната мамба”, целата своја 20 -годишна кариера ја помина во славните Лос Анџелес Лејкерс.  Пет пати го освои НБА првенството. 2008-та година ја доби и најпрестижната награда за најзначаен играч (MVP), а два пати беше MVP и на НБА финалето. Два пати беше и играч со најмногу постигнати поени во една сезона, а освои и двојна олимписка титула.Од кошарката се повлече во 2016 година.

Бројни кошаркари, спортисти и политичари му оддаваат почит денеска на Брајант преку социјалните мрежи, изразувајќи сочувство до неговите најблиски.

Од својот некогашен соиграч емотивно се збогуваше и Шекил О’Нил, кој заедно со Брајант ги освојуваше НБА титулите и го сочинуваше еден од најдобрите кошаркарски парови на сите времиња.

“Немам зборови, да ја опишам болката со која се соочувам со оваа трагедија од загубата на мојата внука Џиџи и мојот брат Коби Брајант. Ве сакам и многу ќе ми недостасувате. Моето сочувство до семејството Брајант и семејствата на останатите патници во хеликоптерот. Мачно ми е сега”, напиша О’Нил на твитер.

 

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ