Пораката од Меркел ќе ги одлучи идните чекори на Владата  

Од пораката што канцеларката Ангела Меркел ќе му ја испорача задутре на премиерот Заев за тоа кога Македонија може да се надева на датум за преговори со ЕУ и конечната одлука на Европскиот Совет ќе зависат идните потези на владата дали ќе има реконструкција или предвремени избори.

„Пораката што ќе ја добиеме од канцеларката Ангела Меркел и јасното соопштување кои се извесните чекори коишто ќе дојдат така ќе ги носиме одлуките дома. Да повторам, нема дилеми дека ќе добиеме датум за преговори, важно тоа е да биде порано. В четврток очекувам позитивна порака од канцеларката Меркел со прецизни агенди, детали образложени внатре, заради што сите земји немаат никаква дилема ниту било каков аргумент против за добивање датум за Северна Македонија за почеток на преговори со ЕУ. Само треба да ги знаеме кога ќе бидат донесени конкретните одлуки“, изјави Заев.

За Заев сепак средбата со Меркел е клучна бидејќи од неа ќе зависат и идните одлуки на партијата.

„После средбата в четврток следува веројатно идниот викенд седница на ЦО на СДСМ. Со нашите коалициски партнери сме постојано во кординација и во зависност од одлуката на парламентарното мнозинство, дали тоа ќе додржи, дали навистина ќе продолжи на тој пат, така и ќе ги донесеме одлуките“, рече Заев.

Заев верува дека месец Јуни ќе ги заокружи сите политички одлуки на домашната политичка сцена.

Истовремено додека Заев ќе се обиде да извлече конкретен датум од Меркел за старт на преговорите со ЕУ за земјава, претседателот Стево Пендаровски ќе замине во слична мисија, но во Брисел каде ќе се обиде да добие потврда за датум за преговори од Европската унија.

„Очекувам дека на средбите во Брисел ќе добијам целосна потврда дека заложбите на сите чинители таму, без исклучок, се во насока на тоа дека нашата земја ќе добие датум за почеток на преговорите, и тоа не само поради поширокото опкружување, туку пред сè, поради фактот дека тоа го сработивме и заслуживме“, изјави Стево Пендаровски во интервју за „Дојче Веле“.

Пендаровски кому ова ќе биде прва посета на Брисел, но и прво патување надвор од земјава како претседател, за премислувањето на Германија околу датумот е на став дека Берлин секогаш бил еден од клучните земји кои ја поддржуваат земјава на за ЕУ и НАТО.

Според него ниту еден сериозен политички фактор во ЕУ не вели дека земјава нема да добие датум и оти најголемиот предизвик во целиот процес е времето на чекање, поточно факторот трпение.

„Во овој момент неспорно е дека ние ќе добиеме датум за почеток на преговори во наредниов период, прашањето е дали во нашиот поларизиран внатрешно-политички амбиент ќе биде целосно согледан фактот дека од наша страна работата е завршена, а евентуалното одлагање би се должело на прашања и процеси кои се надвор од нашето влијание“, вели Пендаровски.

Непочнување на преговори со ЕУ тој смета дека ќе ги искомплицираат работите од политички аспект во земјава, поточно ќе се загуби досегашниот момент на забрзување на реформите.

Во контекст на реформите, Заев ја нарече лицемерна идејата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да и понудат на власта свои работни групи кои би и помогнале во реформите до Октомври, бидејќи, како што рече, до октомври нема извештај на ЕК за земјава.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ