Поради пандемијата нашите музеи го дочекуваат Меѓународниот ден затворени

Денешниот ден- 18 мај,  кој се слави како Меѓународен ден на музеите, заради пандемијата со корона вирусот, домашните музеиски установи го слават затворени и на чекање да бидат повторно отворени. Од Македонскиот национален комитет при Меѓународниот совет на музеите, велат дека овој пат пораката е горчлива, зашто на неодредено време мораат да ги одложат традиционалните активности. А во Европа, дел од музеите се затворени, а дел ги отвораат вратите за посетителите.

Согласно неочекуваните изменети услови за фукционирање на светот и животот при пандемија, изминативе месеци се сменија условите за функционирање на музеите и меѓународната музејска заедница. И привремено се ставени во состојба на условна пауза, вели во пораката по повод Меѓународниот ден на музеите, претседателката на Македонскиот национален комитет при Меѓународниот совет на музеите.

  • Честитката за овој, за нас најзначаен ден, оваа година ми е особено горчлива затоа што за прв пат на неодредено време мораме да ги одложиме традиционалните советувања, средби, промоции, награди на музејските работници кои изминативе години се повеќе предизвикуваат интерес за присуство и стануваат енергетско средиште за размена на секојдневните искуства и поттик за надминување на тековните професионални музејски проблеми- Маја Чанкуловска- Михајловска, претседателка на МНК- ИКОМ.

Претседателката на МНК- ИКОМ, дополнува дека годинава темата на Меѓународниот ден е „ Музеи за еднаквост, разновидност и инклузија“, што е парадоксално на нивната затвореност, но и на изолираноста на посетителите. Во меѓувреме и нашите и странските музеи вршеа презентации на интернет. Четири државни музеи во Германија од минатата седмица ги отворија вратите за посетителите, со задолжително носење маски и почитување растојание на влезот. Отворени се и словенечките, а неделава и во Италија се отвораат музеите.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ